Што сè не му припишуваат владините политичари и претставниците на Фидес: Петер Маѓар, лидерот на опозицијата, шеф на партијата Тиса и фаворит за парламентарните избори напролет (2026), наводно е роб и платеник на Брисел, агент на Украина и поддржувач на војна, кој наводно сака присилно да регрутира унгарски военоспособни мажи, корумпиран шарлатан кој ја уништува Унгарија, злоставувач на жени и, генерално, измамник и лажго.
Можеби ова звучи премногу апсурдно за вистински да ја сврти јавноста против Маѓар. Но факт е: и покрај агресивната кампања на владата и Фидес, која треа повеќе од една година, овој конзервативен опозициски лидер стана најпопуларниот политичар во земјата. Партијата Тиса до неодамна достигнуваше нови рекорди во анкетите.
Но сега растот забавува. Четири месеци пред изборите, поддршката за Тиса стагнира, додека партијата Фидес на Виктор Орбан полека се приближува. Во некои анкети предноста на Тиса паднала од десет на пет проценти.
Набљудувачите ова го објаснуваат со делумна промена на стратегијата во кампањата на Орбан. Унгарскиот премиер веќе неколку месеци ја преплавува јавноста со парични, даночни и социјални ветувања. Унгарските медиуми ова го нарекуваат „цунами од ветувања“.

Но Орбан не се ограничува само на ветувања за после изборите. Тој веќе сега дели скапи предизборни подароци — иако буџетскиот дефицит расте и моментално изнесува околу пет проценти, при стагнација на економијата, опаѓање на даночните приходи и замрзнати ЕУ-фондови.
На пример, од почетокот на 2026 година стапува на сила доживотно ослободување од данок на доход за мајки со две деца — прво за оние под 40 години, а подоцна и за постарите мајки. Пензионерите во февруари 2026-та ќе добијат не само 13-та, туку и 14-та пензија — само осум недели пред изборите. Неколку други даночни олеснувања за семејства и додатоци за пензионери веќе се во сила.
Долготрајно задолжување
Орбан за оваа политика има формула која звучи добро: „Од нас профитираат и тие што не гласаат за нас.“
Иронично е што додека ја задолжува земјата со овие предизборни подароци, редовно ги обвинува другите земји од ЕУ дека со поддршката на Украина ги трошат парите на идните генерации.
„Цунамито од ветувања“ оди рака под рака со нова негативна кампања против Петер Маѓар, со уште поапсурдни обвинувања. Ако тој победел и на власт дојдела Тиса, велат, Унгарците би морале да плаќаат за финансирање на војната во Украина. Дополнително, Маѓар наводно би вовел високи даноци за кучиња и мачки.
Пензионерите – најважната гласачка база на Орбан
Политикологот Золтан Погаца за ДВ на унгарски вели дека Фидес се приближил до Тиса затоа што кампањата особено влијае на неопределените гласачи:
„Тие се плашат дека нивниот животен стандард ќе падне,“ вели тој.
Слично мисли и политикологот Андраш Биро-Наѓ од институтот Политички решенија: Фидес сака да го зголеми „перципираниот ризик“ од промена на власта.
Експертот за избори Матијас Боди за ДВ вели дека најважни за Фидес се подароците за пензионерите:
„Тоа е најважниот гласачки слој. Ако тој отпадне, Фидес има сериозен проблем. Затоа се зголемуваат пензиите и затоа се дава 14-та пензија, што е фактички зголемување од 7-8%.“
Но тврдењето дека од Орбановата политика профитираат и гласачите на опозицијата е само половина вистина, која го замаглува фактот дека во автократскиот систем на Орбан, лојалноста се наградува, а опозицијата, независноста и критичкото мислење се казнуваат — и тоа и финансиски.
Силна централизација и финансиско „изгладнување“ на опозициските градови
Еден од клучните механизми е тоа што самоуправата на градовите и општините е силно ограничена од 2010 година. Така владата може да одлучува многу прецизно за распределбата на средства.
Истражувањата покажуваат дека места каде на власт е Фидес или кои се блиски до Орбан добиваат значително повеќе финансиска поддршка, додека опозициските општини често се намерно „изгладнувани“.
Еден од најекстремните примери е градот Гед, за кого во 2020 година известуваа и интернационални медиуми. Откако Фидес ја загуби локалната власт во октомври 2019-тата, владата во пролетта 2020-та со пандемиски закон одзеде делови од индустрискиот регион, со што градот загуби голем дел од своите даночни приходи.
Будимпешта пред банкрот
Ваква политика сега ја погодува Будимпешта, каде од 2019 градоначалник е левичарот Гергељ Карачоњ.
Оттогаш, владата не пропушта ниту една можност финансиски да го поткопа главниот град — преку огромен „солидарен придонес“, со кој Будимпешта мора непропорционално многу да уплаќа во државниот буџет, преку прикриени кратења или преку задржување средства кои законски ѝ припаѓаат.
Орбан, според многумина, води лична одмаздничка војна против Будимпешта – тоа е впечатокот што се добива кога го слушате како зборува потценувачки за главниот град и неговото раководство. Денес, градот, кој во изминатите години беше принуден да ги потроши сите резерви, е на раб на банкрот.
Минатата недела, градоначалникот Корачоњ лично прошета до канцеларијата на Орбан за да му предаде писмо со барање за разјаснување и помош. Орбан испрати само секретарка пред вратата за да го прими писмото. Потоа — тишина.
Оваа недела, Корачоњ повторно протестираше пред канцеларијата на Орбан, со стотици поддржувачи — без резултат.
Не е јасно до каде ќе оди владината политика на блокада и бојкот против Будимпешта. Во други случаи, Виктор Орбан се чини дека смета оти е поразумно да се обезбеди небирократска помош на градовите и општините. На пример, кон средината на ноември, унгарскиот премиер издаде декрети со кои се одобрува брза финансиска помош за инвестициски проекти во вкупно 70 места. Новинскиот портал 444 откри дека тоа се малите градови и општини каде што лидерот на опозицијата, Петер Маѓар, непосредно пред тоа се појавил на предизборни настани.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место