Орце Ѓорѓиевски преку видео порака се пофали дека булеварите се проодни по невремето

Орце Ѓорѓиевски преку видео порака се пофали дека булеварите се проодни по невремето

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски преку добро монтирано видео на неговата Фејсбук страна соопшти дека по поројниот дожд што попладнево го зафати градот, на терен биле повеќе од 1.000 работници, а Кризниот штаб на Град Скопје, службите и јавните претпријатија се целосно мобилизирани.

Дождот траеше подолго време и скопските улици се наполниле со вода, а атмосферската канализација ретко каде можеше да ја собере сета вода. Жителите на Кисела Вода најмногу пријавувале поплавени улици, а дел од граѓаните му испратија и фотографија на Ѓорѓиевски од улицата „Димо Хаџи Димов“, која била речиси целосно под вода.

Силното невреме предизвика проблеми со сообраќајот во главниот град со поплавени подвозници, заглавени возила и блокирани кружни текови.

Орце Ѓорѓиевски преку видео порака се пофали дека булеварите се проодни по невремето
Дел од ефектните транзиции користени во видеото на градоначалникот | Принтскрин од видео на личната ФБ страна на Орце Ѓорѓиевски

Според градоначалникот, булеварите сега се проодни и „фала богу“ нема жртви.

Дел од медиумите објавуваа снимки и фотографии од скопјани што користат душеци за на плажа и скокаат во водата под надвозниците во градот.

Инаку, денеска во текот на денот градоначалничката на Кисела Вода Бети Стаменковска, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и заменик-министерката за животна средина Ане Лашкоска, беа на увид на среденото корито на Мала Рада во Драчево.

Извор: МЕТА