Ормуски Теснец: Иран се заканува со нова блокада

Ормуски Теснец: Иран се заканува со нова блокада

Ни еден ден по најавата на Иран дека повторно ќе го отвори Ормускиот Теснец за бродски сообраќај, Техеран се заканува со нова блокада на теснецот. Како причина, претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, ја наведе поморската блокада од страна на САД. Таа е насочена против бродови што се упатуваат кон ирански пристаништа или ги напуштаат.

„Со продолжување на блокадата, Ормускиот Теснец нема да остане отворен“, предупреди Галибаф на платформата X и нагласи дека поминувањето низ оваа за глобалниот пазар на нафта и гас исклучително важна морска артерија се одвива по „рута утврдена од Иран“ и со „иранска дозвола“.

Претходно, и портпаролот на иранското министерство за надворешни работи, Исмаил Багаи, ја критикуваше американската поморска блокада како „прекршување на прекинот на огнот“, на што, според него, ќе следи „соодветен одговор од Иран“. Тој нагласи дека отворањето и затворањето на Ормускиот Теснец не се одвива на социјалните мрежи, туку дека Иран е „клучниот актер во ова прашање“.

Иран во петокот објави дека привремено се откажува од блокадата на Ормускиот Теснец. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека трговските бродови можат да поминуваат низ теснецот за времетраењето на примирјето во војната, кое истекува во среда. Како причина го наведе прекинот на огнот во Либан, кој стапи во сила во ноќта кон петок.

Трамп: Следни преговори веројатно во текот на викендот

Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп и понатаму цврсто се држи до поморската блокада на САД – барем додека преку преговори не се постигне договор со Иран. „Поморската блокада, што се однесува до Иран, останува целосно во сила сè додека нашата зделка со Иран не биде сто проценти завршена“, нагласи Трамп.

Трамп изрази оптимизам дека таков договор би можел да се постигне многу брзо. „Мислам дека ќе постигнеме договор во следните еден или два дена“, го цитираше новинскиот портал Аксиос. „Веројатно“ во текот на викендот ќе има дополнителни преговори меѓу претставници на САД и на Иран.

Првата рунда разговори меѓу САД и Иран во минатиот викенд во пакистанската престолнина Исламабад заврши без конкретни резултати.

Напори со посредство на Пакистан

И портпаролот на иранското министерство, Багаи, се осврна на можните понатамошни преговори со САД за траен мир: „Штом ќе почувствуваме дека нашите интереси се земени предвид и обезбедени, тогаш не сме далеку од договор“. За Иран, укинувањето на санкциите, како и надоместок за воените штети, е од исклучителна важност.

Во моментов се водат напори со посредство на Пакистан за продолжување на прекинот на огнот и иницирање сеопфатен договор, вклучително и за спорот околу иранската нуклеарна програма.

Спорно прашање: збогатен ураниум

Неодамна се појавија различни информации за натамошното постапување со збогатениот ураниум. На социјалната мрежа Трут Соушл, американскиот претседател напиша дека САД ќе го добијат „целиот нуклеарен прав, создаден од нашите одлични бомбардери Б2“. Со тоа се осврна на американските напади врз иранските нуклеарни постројки во јуни минатата година.

Кога би можела да заврши војната со Иран?

Телевизијата Си-Би-Ес Њуз го цитираше Трамп од телефонско интервју, во кое тој изјави дека САД би соработувале со Иран околу преземањето на резервите на ураниум. „Нашите луѓе ќе работат заедно со Иранците за да го преземат. Потоа ќе го пренесеме во Соединетите Американски Држави.“ Според Трамп, пред таква соработка треба да се постигне договор меѓу двете земји.
Портпаролот на иранското министерство за надворешни работи, Багаи, веднаш ја отфрли оваа изјава на Трамп. „Преносот на ураниум во САД никогаш не бил опција и не бил предмет на разговор“, изјави тој, според иранската новинска агенција Тасним.
Извор: DW