Осамени маргиналци

Осамени маргиналци

Дали во Бугарија темата „Македонија“ е дел од предизборната реторика, или нашите политичари сакаат да ја наметнат во тамошниот политички дискурс за да добијат поени дома?

Пишува Љупчо Поповски

Нема ништо спектакуларно во политиката кога една нова влада се оддалечува од она што го правела претходната или тие пред неа. За тоа се и политичките борби и излегувањето на избори. Во некои случаи тоа означува драматичен раскин со она што го правеле претходници. Во други случаи, некои од претходните политики, кои можат да им бидат од корист на новите власти, се продолжуваат и при тоа се наведуваат како нов курс, или во подобра варијанта подобрување на она што било претходно започнато. Се разбира, со додадена вредност.

Видете го само последниот случај во Британија по победата на Лабуристите на изборите на 4 јули. Според изјавата на биографот на премиерот Кир Стармер, новиот лидер на Кралството решил да го отстрани портретот на Маргарет Тачер кој висеше во нејзината работна соба во Даунинг стрит 10.

Говорејќи на настан организиран од фестивалот на книгата во Глазгов, биографот Том Болдвин рече: „Седевме таму, а јас велам: ‘Малку е вознемирувачки што таа гледа надолу кон тебе, нели?”

Стармер одговорил – да, и на прашањето дали „ќе се ослободи од тоа”, премиерот кимнал со главата, според Болдвин. И Стармер се ослободи од портретот.

Портретот на Тачер беше нарачан од лабуристичкиот премиер Гордон Браун и откриен на приватен прием во 2009 година. Тачер го избрала накитот и копчињата што ги носи на портретот.

Се разбира, тоа предизвика гнев и бес кај конзервативните пратеници, кои го обвинија Стармер дека е „песимист, негативен и злобен”.

Вистината е малку покомплицирана. Во галеријата на Даунинг стрит 10 има портрети на сите претходни премиери, па така и на Маргарет Тачер. Само што Стармер веќе не сакаше Тачер (премиерка која колку што е славена толку е и кудена, бидејќи го донесе длабокото раслојување на британското општество) и понатаму да го гледа како некаков падро-падроне во собата во Даунинг стрит 10.

Промени на политиките

И промената на власта во Македонија носи промени на политиките. Нема вести за симнување на некои портрети, ниту за промени на дел од мебелот во одаите на премиерот (уште стојат, барем според фотографиите, оние тешки незграпни фотелји, направени во времето на Никола Груевски, кои изгледаат како од поранешниот славен „мебел Ѓорѓевиќ”), но секако дека има промени на политиките. Нормално, на оние што сега се во опозиција тоа не им се допаѓа. Но, им се допаѓа кога слушаат дека владата ќе продолжи со купувањето на италијанските хеликоптери „Леонардо” (таа зделка ВМРО-ДПМНЕ жестоко ја критикуваше додека беше во опозиција). Или дека изградбата на автопатиштата со „Бехтел и Енка” ќе продолжи, а новата влада ќе ги откочи тесните грла кои го забавија целиот проект. Нема поголема потреба да се споменува, но е јасно како бел ден, дека новата влада немала никаква можна отстапница да може да се повлече од проектите. Особено поради тоа што, на пример, со „Бехтел и Енка” се директно вклучени Американците. Може само реторички да додаваат некои изјави за проектот, но сите оние грандиозни критики од опозициските денови се ставени ад акта. Како никогаш да не се случиле и не биле изговорени.

Некои работи за промена на правците се очекувани. Прашањата на кои треба да одговори времето што доаѓа е дали ќе бидат исплатливи за државата или не. Јавноста може да премерува дали вмровската гарнитура е во право или не, но таа е на власт само осумдесетина дена и треба да видиме дали тоа е трасирана и сериозно осмислена политика, дали тоа е инстинктивна реакција од политиката што се заговараше последниве две години, или можеби зад тоа се крие нешто, друго кое можеби и нема да се дознае.

Александар Николоски Северна Македонија
Дали Александар Николоски уште мислеше дека зборува како опозиционер кога ги окаректиризира членовите на новиот технички кабинет на Бугарија како „политички маргиналци”?

Премиерот Христијан Мицкоски  и неговата десна рака во партијата и во владата, министерот за транспорт, Александар Николоски, ја продолжија антибугарската приказна од опозициските денови како сега да не се државни функционери. Веројатно никој нема да дознае дали навистина имало посредни или непосредни  обиди за поткуп на Мицкоски  (како што тој тврдеше) за третата делница на  пругата кон Бугарија  од Крива Паланка до Деве Баир при изборот на изведувач. И дали од седумте компании што се пријавиле на тендерот (наводно сите турски) никоја не знаела да изведува таков комплициран градежен потфат. Не ги знаеме нивните имиња за да истражиме какви проекти работеле тие во минатото. Во Турција има градителски чуда, железнички пруги со брзи возови ја крстосуваат цела земја. Можеби некоја од тие компании била дел од тие градежни проекти? Но со повлекувањето на членовите во евалуациската комисија, овој тендер е фактички поништен. Одлуката е политичка (одговор на бугарското вето и обврската за промена Уставот) и за неа јавноста се подготвуваше барем две недели.

Преку Скопје или преку Пирот

Во некоја рака Николоски можеби е во право – проектот изработен уште во средината на деведесетите сега би требало да се прилагоди на новата реалност за побрзи возови. Но Македонија да има само една железничка врска – север-југ – не е во интерес на иднината на државата. И целиот транспорт на стоки, енергенси и луѓе од Истанбул или Бургас да се остави да преминува од Софија преку Пирот и Ниш до Белград и натаму кон Европа.

Дали со промената на политиката на новата влада треба да се стави превез на очите за иднината? И дали Европската унија и две европски банки кои обезбедија грантови и заеми не го разгледале добро проектот пред да одобрат толку големи пари за Македонија. Точно е – Бугарија има малку направено за изградбата на пругата до Деве Баир. Но таму шините се стигнати уште пред многу децении до Ѓуешево, на неколку километри од границата и со проектот пругата треба да се реконструира за да има поголема носивост и да овозможи поголеми брзини. Тунелот под Деве Баир е долг 2.300 метри и двете држави треба да изградат по половина од него и работниците да се сретнат во утробата на планината кога ќе ја пробијат трасата и да си подадат рака.

Прочитајте повеќе

2006 – нулта година за пресудите од Стразбур

2006 – нулта година за пресудите од Стразбур

Виктор Орбан се понуди за посредник меѓу Скопје и Софија. Дури и на Мицкоски му …