„Живо се сеќавам на последниот ден“, вели Емерико Марија Лачети, поранешен полковник во воениот сектор на Италијанскиот Црвен крст. За време на Косовската војна во 1999 година, тој бил стациониран во Албанија, само неколку стотини метри од границата со Косово. Таму бил командант на полска болница за бегалци од тогашната српска покраина.
„Стоевме на контејнери и ги набљудувавме бомбардирањата – беше како перверзно новогодишно огнометно шоу. Дури и од далечина се чувствуваше воздушниот притисок, шок-брановите минуваа низ телото. Но не, не бевме информирани за специфичните опасности од употребеното оружје.“
Од март 1999 година, НАТО со операцијата „Сојузничка сила“ („Allied Force“) интервенираше во долгогодишниот косовски конфликт. Во текот на 78 дена, алијансата изврши напади со речиси 1.000 авиони врз српските безбедносни сили. Според официјалните податоци, беа фрлени над 28.000 експлозивни направи, меѓу кои и контроверзната муниција со осиромашен ураниум, за која постои сомневање дека предизвикува рак.
Оваа муниција содржи јадро од осиромашен ураниум (Depleted Uranium, DU), кој поради својата висока густина – трипати поголема од оловото – има голема пробивна моќ и затоа се користи главно против тенкови и оклопни цели. Сепак, при удар може да се создаде фина прашина од ураниум, која продолжува да зрачи и може да предизвика здравствени проблеми, на пример, ако се вдише.
НАТО ги отфрла обвинувањата
На прашањето за здравствените ризици од оваа муниција, НАТО даде само писмена изјава: „Прашањата за здравјето и животната средина ги сфаќаме многу сериозно“. Во 2001 година е формиран комитет за осиромашен ураниум, кој „врз основа на независни сознанија“ дошол до заклучок дека употребата на ваквата муниција во Косово „не предизвикала траен здравствен ризик за населението“.
НАТО се повикува на извештаи од ОН, на пример од 2014 година. „Тоа се научни докази, тие беа конзистентни и ние стоиме зад нив“, се вели во изјавата на воената алијанса. Но тоа е во спротивност со пресудите на италијанските судови по тужбите на околу 500 ветерани од Косовската војна, кои заболеле од рак откако биле изложени на осиромашен ураниум.

Лачети вели дека бил свесен оти со неговата полска болница во Морина, Албанија, непосредно на границата со Косово, за време на НАТО-бомбардирањата се наоѓале во „жешка зона“, многу блиску до активен конфликт, што секогаш носи ризици. „Но, никогаш не ни кажаа дека одредени видови муниција можат да носат долгорочни опасности, дури и ако не си директно погоден – на пример, од неексплодирани направи во близина или од материјали користени во производството на муницијата.“
Долга болест
Кога Лачети се вратил дома во јули 1999 година, добил проблеми со дишењето и се прегледал во болница. „Медицинскиот персонал одеднаш беше многу вознемирен“, се сеќава тој. На крајот, еден лекар му ја покажал снимката: „Имаше нешто во моите бели дробови, големо 24 x 12 x 14 сантиметри.“ Кај тогаш 36-годишникот бил дијагностициран агресивен лимфом, односно малиген тумор.
Лачети првично бил успешно третиран, но во 2008 година повторно заболел од рак. „Пронајдоа и необична количина совршено округли керамички честички – како да сум стоел во висока печка.“ Заклучокот бил јасен: „Овие честички со години се таложеле во моето тело и преку воспаленија или миграција можеле да предизвикаат нови оштетувања.“

Успешни тужби
Лачети дознал за група војници од иста возраст, кои биле на истите места и добиле слични дијагнози. Стапил во контакт со надлежните воени институции и со адвокатот Анџело Тартаља. Околу 500 припадници на војската успешно го тужеле италијанскиот државен апарат. Така и Лачети, кому судот во Рим во 2009 година му признал дека станал жртва поради исполнување на службените должности. Судот му доделил обештетување. Но тоа не го прави здрав. „Признанието не ги отстранува честичките од твоите бели дробови или бубрези“, вели Емерико Марија Лачети со горчина.
По Косовската војна, комисија на италијанското Министерство за одбрана ја испитала можната врска меѓу изложеноста на осиромашен ураниум и појавата на рак. Таа утврдила статистички значајно зголемена појава на не-Хочкин лимфоми кај погодените војници. Други студии, како извештајот на СЗО од истата година, не нашле јасен доказ за директна врска меѓу осиромашен ураниум и поединечни случаи на заболување.
Тешко докажување
За Вим Звајненбург, член на Меѓународната коалиција за забрана на ураниумско оружје (ICBUW), случајот е јасен. „Судијата призна дека италијанската држава имала обврска за грижа, затоа беше доделено обештетување“, објаснува експертот. Тој го истражува користењето и последиците од осиромашениот ураниум веќе над 16 години.
„Мојот заклучок: екстремно е тешко да се донесе дефинитивна изјава“, признава тој, бидејќи „осиромашениот ураниум“ делува само ако навлезе во телото, најчесто во форма на фини честички прашина кои се вдишуваат. „Но точната количина што луѓето навистина ја апсорбираат никогаш не била правилно измерена. Постојат многу малку сигурни долгорочни студии.“ Причините за појава на рак често се тешко определиви. Нездрави навики, влијанија од околината, генетска предиспозиција и многу други фактори влијаат на бројот на случаи.

„Докажувањет е тешко“, вели Звајненбург. „Дали погодените некогаш допреле граната со осиромашен ураниум или се наоѓале во близина на контаминиран тенк? На ураниумот може да му треба една година за да навлезе преку кожата. Лекарите не можат да даваат тврдења ако нема јасни докази. Луѓето бараат јасна причина – но реалноста е многу покомплексна.“
Задолжителна деконтаминација
Во 2002 година, Обединетите нации (ОН) усвоија резолуција со која државите се обврзуваат, по употребата на ураниумска муниција, да ги информираат погодените земји и да помогнат во чистењето на контаминираните подрачја. Колку НАТО ја исполни оваа обврска во Косово, останува нејасно – мировната мисија на НАТО, КФОР, која е стационирана таму од крајот на конфликтот за да го обезбеди мирот, не дава никакви информации. Посетите на терен покажуваат: во многу региони на Косово, населението речиси ништо не знае за можните ризици, а мерки за деконтаминација – освен на една локација во западниот дел на земјата, во селото Лугбунари кај Ѓаковица – не се спроведени.
„Може да се обвини НАТО за употребата на овие оружја“, вели експертот Вим Звајненбург, „но уште повеќе за тоа што по војната не спроведе никакви активности за расчистување. За војниците постојат јасни протоколи за заштита – за цивилите? Ништо. Не е прифатливо да се користи токсична муниција и потоа едноставно да се сврти грб.“
Официјално, материјалот од кој е направена муницијата со осиромашен ураниум се класифицира како ниско до средно радиоактивен отпад. Но „во влажни климатски услови како на Балканот, гранатите можат да кородираат и да се распаднат, оставајќи опасни остатоци“, вели Звајненбург. Времето не помага, бидејќи полураспадот на ураниумот е речиси бесконечен. За Звајненбург, ова е пример за двојни стандарди кај државите.
„Ако, на пример, во некој холандски парк се најде таква граната, областа веднаш би се оградила, би дошле специјални тимови во заштитни одела, гранатата би ја ставиле во оловен контејнер и би ја складирале безбедно.“ Кога станува збор за сопственото население, ризиците се сфаќаат многу сериозно – но на други места, не.
Лачети е разочаран што неговиот случај, како и случаите на многу други ветерани, не довеле до суштински промени. „Осиромашената ураниумска муниција“ сè уште е легална. Пробавме на секој можен начин да ја забраниме – како што се забранија касетните бомби или противпешадиските мини. Не успеавме.“
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место