Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска се сретна со членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата како дел од институционалните посети поврзани со имплементацијата на реформите од Планот 18.
Според Османи, ДКСК не е само важен елемент во превенцијата на криминалот и корупцијата, туку и еден од условите по кои Европската комисија, а со тоа и земјите – членки на Унијата, ќе го ценат напредокот на земјава од аспект на приближувањето кон европските правила и стандарди.
– Државната комисија за спречување на корупцијата претставува еден од најсветлите примери за успешна имплементација на реформите од Планот 18, имајќи ја предвид најнапред инклузивната постапката на носење на новиот закон за работата на ДКСК, преку широки интервенции на експертската јавност и опозицијата, потоа, исклучително транспарентниот избор на новите членовите, но големите очекувања што јавноста ги има од нивната работа – рече вицепремиерот.
Османи на членовите на Комисијата им ја пренел подготвеноста на Владата за интервенција во рамките на своите надлежности, во надминување на предизвиците со кои се соочува Комисијата, како од технички, просторни и организациски аспекти, како и целосната поддршка и доверба за нивната работа.
Останува, рече, да се усвои Законот за јавно обвинителство кој треба да го реши и статусот на СЈО, за што очекува поддршка од сите политички партии.
Османи најави дека на денешната владина седница законот треба да биде усвоен, и пратен во собраниска процедура, каде е потребно двотретинско мнозинство да биде усвоен. Овој закон, како и Антикорупциската комисија, според вицепремиерот, треба да бидат двата клучни успеха во пресрет на препораката од ЕУ.
– Сметам дека нема политичка партија која не се залага за борба против корупцијата. Нема политичка партија која сака да не добиеме датум во јуни и очекувам дека како што го донесовме Законот за борба против корупцијата, да постигнеме консензус и во делот на законот на обвинителство бидејќи овие два закони се столбовите на антикорупциската политика и правната држава – рече Османи.
Извор: МЕТА