Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска рече дека францускиот предлог за отстранување на бугарското вето не е конечен, а Франција треба да ги види позициите на двете земји и да достави конечен предлог.
„Нашиот став е кажан јавно и формално на француското претседателство, останува наредните денови дали француското претседателство ќе има конечен свој предлог во однос на прашањето. Досега имавме работна верзија во која останаа недефинирани некои прашања, а тоа е прашањето на протоколот, бидејќи протоколот ние симболично го гледаме како парадигма на историските интерпретации. Мислам дека доколку има политичка волја да се разберат нашите сензитивности, ќе може да се најде решение и во наредните неколку денови“, изјави Османи.
Тој додаде дека три прашања се клучни во однос на тоа дали владата ќе го прифати францускиот предлог. Османи рече дека јазикот, историските прашања како главен критериум за напредување на преговорите и динамиката на уставните измени се клучни за тоа каква одлука ќе донесе земјата.
Османи појасни дека во францускиот предлог имало загради и прашања што, всушност, биле работите кои не се усогласени и уште еднаш ја потенцираше позицијата на Северна Македонија во однос на горните три точки.
„Во секој случај, нашиот став е дека прашањето на јазикот, историските прашања да не бидат дел од преговарачката рамка, а и секвенционирањето на чекорите помеѓу промените на Уставот и почетокот на преговорите се прашања кои се важни во нашата одлука“, рече Османи.
Вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ денеска изјави дека нашата земја не може да се откаже од патот кон ЕУ, но дека не може ниту да се откаже од позициите коишто се важни за секоја држава.
„Простор за одговорност надвор од ова не гледам, поголема е одговорноста на лица коишто се обидоа да ја нарушат државната стратегија со пренесување на информации кои не беа ниту точни ниту конечни“, вели Маричиќ.