Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, им се придружи на претставниците на Република Македонија и Европската комисија на вториот ден од работниот состанок за објаснувачки скрининг за Македонија и Албанија, за подготовка на преговорите за полноправно членство во Европската унија.

Веднаш по заклучните согледувања, Заменик претседателот на Владата на Република Македонија и главен политички преговарач и Шеф на делегацијата за преговори со Европската унија д-р Бујар Османи и еврокомесарот Хан одржаа заедничка прес конференција.

Вицепремиерот Османи и се заблагодари на Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини, на Еврокомесарот Хан како и на администрацијата на Европската комисија, пред се ГД НЕАР предводен од Кристијан Даниелсон и Геновева де Руиз Калавера за упорноста и несебична посветеност да и помогнат на Македонија да ги премости своите предизвици кон интеграцијата во ЕУ.

Османи потенцираше дека „наскоро очекува македонскиот јазик да се приклучи на останатите официјални јазици на Унијата, а и затоа што вчера и денес Република Македонија испишува историја.” Тој истакна дека големата владино – државна делегација учествува на работни средби со претставниците на Европската комисија каде прецизно и детално се прегледува Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права како дел од последната подготвителна фаза пред почетокот на преговорите.

„Навистина ова е моментот кој долго време го чекаме, за кој внимателно се подготвуваме, и за кој, со својот придонес се имаат вградено сите поранешни влади, кои ги претставуваат сите поважни политички фактори во земјата. Дозволете денес, на вториот ден од скрининг процесот да констатирам – успеавме. Македонија неповратно се движи кон полноправно членство во Европската Унија и од овој пат враќање назад нема.“

Вицепремиерот Османи истакна дека „овој денешен успех претставува остварување на историскиот сон на сите Албанци од Македонија.“

Османи посочи дека Република Македонија ќе го одржи реформскиот импулс, спроведувањето на билатералните договори и обезбедување на високи капацитети за процесот на скрининг и преговори. Конечно, им порача на претставниците на Европската унија дека Македонија ќе остане посветена на европските вредности и ќе вложи напори кон создавањето на безбедна, постабилна и обединета Европа, Европа која штити.

Еврокомесарот Хан рече дека дводневниот објаснувачки скрининг е многу важен затоа што ја поставува патеката на движење на двете земји за идните неколку месеци. Тој истакна дека е свесен за комплексноста на овој амбициозен процес поради многубројните подготовки кои треба да се направат до отворањето на преговорите, кој обично трае година и пол, а ние имаме само една година.

Хан посочи дека позитивниот натпревар е корисен и во интерес на сите и дека колку е поголем натпреварот, толку е подобар процесот. Тој истакна дека целиот процес е базиран на мерит, и не постои гаранција дека сегашните фронтранери – Србија и Црна Гора, ќе стигнат први до крајната цел.

Еврокомесарот Хан потенцираше дека самиот процес е од интерес на граѓаните и ги унапредува нивните услови за живеење – владеењето на правото, стабилизација на економијата и привлекување на инвеститори кои ќе отворат нови работни места, и на кој начин „одливот на мозоци“ ќе се замени со циркулација на работната сила.

Хан упати барање до двете делегации како и до претставниците на Европската комисија за унапредување на комуникацијата со граѓаните. Според него, за граѓаните не е интересно колку поглавја се отворени, и дека треба да се најде јазик за да се допреме до граѓаните. Тој посочи дека овој проблем кој е забележителен и земјите кои се во понапредна фаза од процесот, е што луѓето гледаат на ЕУ како на некој кој постојано бара реформи и укажа на потребата од објаснување пред луѓето на позитивните резултати и влијанието кое самиот процес го има врз нивните живот, а не само влијанието кое ќе го има крајната цел, пристапувањето.

Конечно, Еврокомесарот Хан потенцираше дека сака да го заврши својот мандат барем со јасна индикација за отворање на првото поглавје со Македонија во текот на идната недела, и увери дека ќе ги вложи сите напори за исполнување на оваа цел.