Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи денеска е во работна посета на Атина каде ќе се сретне со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос, по која двајцата функционери ќе имаат изјава за медиуми.
Од Секретаријатот за европски прашања велат дека ќе стане збор за билатералните односи меѓу двете земји, Договорот од Преспа но и за сите останати прашања од билатерален интерес, како што се мерките за градење доверба, унапредување на односите меѓу двете земји, поддршката од страна на Грција за нашите европски интеграции итн.
Вицепремиерот Османи и Министерот Катругалос ќе присуствуваат заедно на првиот лет од Атина за Скопје по пауза од над 10 години при што Османи ќе се врати во Македонија со тој лет.
-Тоа што прв ќе летам на оваа релација е уште една симболика дека односите се затоплуваат, дека стратешкото партнерство ќе почне да функционира и соработката да се зголемува. Грција станува нов стратешки партнер на Македонија и со грчкиот министер ќе разговараме за поддршката на Грција во евроинтегративниот пат на Македонија. Ова е турбулентен период, и во Македонија и во Грција, но процесот за имплементација на Договорот во двете земји не е загрозен и покрај дневните политички турбуленции. Веќе утре ќе потврдиме дека Балканот добива две држави со силни и блиски релации – рече Османи на прес-конференција во Владата.
Извор: МЕТА