Осмо издание на меѓународната трка „Крали Марко Треилс“

По осми пат, денеска во Прилеп се одржа трката „Крали Марко Треилс“. Трката традиционално ја организираат спортското здружение „Трекс“ и Општина Прилеп, а поддршка на настанот му даде и Делегацијата на Европската Унија во Македонија.

Годинава, на „Крали Марко Треилс“ учествуваат близу 400 учесници од 22 земји, кои се натпреваруваат на три патеки во должина од 16, 34 и 67 километри. Покрај трите трки, се одржа и четврта трка, чија патека беше долга 1.000 метра и на која се натпреваруваа ученици од прилепските основни училишта.

Учесниците ги поздрави и им посака успешна трка, градоначалникот Илија Јованоски.

„Треба да уживате во прекрасните предели на Марковите Кули, Трескавец и Козјак и останатото природно и културно наследство што го нуди прилепската околина. Сакам оваа рекреативна планинска трка да биде во духот на здравјето, на спортот, затоа што гледам сѐ млади и млади луѓе. Нека помине трката во фер плеј и нека победат најдобрите“, им порача на учесниците на „Крали Марко Треилс 2018“, градоначалникот Јованоски.

Здружението „Трекс“ и ПСД „Макпетрол“ вложија максимални напори за да организира успешна трка и на натпреварувачите да им овозможи услови, непречено и безбедно да ги истрчаат предвидените трки.

„Оваа година имаме три трки: на 16, 34 и 67 километри, а ќе се одржи и детска трка на 1 километар, на која ќе учествуваат стотина ученици од прилепските училишта. Вкупно имаме околу 400 учесници од 22 земји од светот, а интересот за трката секоја година е сѐ поголем, како од нашите домашни тркачи, така и од страна. Теренот со својата специфичност нуди посебна убавина и овие трки на планински трчање се многу интересни, затоа што може да се вклучи секој. Се надевам дека и во иднина „Крали Марко Треилс“ ќе расте во поголема и попозната светска трка“, изјави Игор Јовановски од здружението „Трекс“.

„Крали Марко Треилс“ претставува спортско-рекреативен настан, кој на уникатен начин ја претставува македонската култура и придонесува за развој на спортот и авантуристичкиот туризам во нашата земја.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …