Основицата на платите на вработените во здравството зголемена за 5 отсто

Министерот за здравство д-р Венко Филипче денеска одржа прес конференција на која соопшти деталји за одлуката на Владата на Република Македонија за Спогодба за утврдување на најниската плата за најнизок степен на сложеност и за начинот на пресметување и исплата на платите во здравствената дејност, со која ќе бидат зголемени платите на сите здравствени работници за 5%.

Во продолжение на своето обраќање на конференцијата за новинарите во Владата на РМ министерот Филипче истакна:

Зголемувањето ќе започне да се применува со исплатата на септемвриската плата и тоа значи реализација на уште една точка од Програмата за работа на оваа Влада на Република Македонија.

Со потпишувањето на оваа Спогодба од страна на Министерството за здравство и Самостојниот Синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија, ќе се зголеми основицата за пресметување на плата за вработените во ЈЗУ од 12.654 денари на 13.286 денари, што претставува зголемување за 5%.

Потребните средства за зголемување на износот на најниска плата изнесува 469.935.384 денари на годишно ниво, а на месечно 39.161.282 денари за 19.123 вработени во јавните здравствени установи. Пресметките се направени врз основа на  податоци од исплатена бруто плата во месец мај 2018 година.

Со оваа мерка, Владата уште еднаш покажува иницијатива и заложби за задржување на здравствените работници во јавното здравство и во нашата земја.

Сметаме дека со зголемувањето на надоместокот за прекувремена работа, дежурство и ноќен труд, како и зголемувањето на платите од септември значително ќе ја подобри положбата на сите работници во здравствениот систем.

Дополнително, во таа смисла би сакал да потенцирам дека работиме и вложуваме напори во подобрувањето на инфраструктурата на објектите во јавните здравствени установи, посебно во доменот на нивно осовремување со квалитетна медицинска опрема.

Сметаме дека сето ова ќе преставува дополнителен мотив за Колегите – здравствени работници во давањето квалитетни здравствени услуги и секако, нивна лична одлука за продолжување со професионален ангажман во Република Македонија.

Како надлежно Министерство за Здравство заедно со владата на Република Македонија работиме во реализација на зацртаните програми во, според мене, најкомплексниот сегмент од нашето Општество.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …