Музичкото училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ од Прилеп, важи за расадник на музички таленти. Освоените 65 награди за период од само две години го потврдуваат кажаното, уште повеќе ако се знае дека од нив, 45 се награди за освоено прво место, од кои поголемиот дел на меѓународни натпревари. За истакнување се 6-те специјални награди од меѓународни натпревари, на кои четворица ученици од прилепското музичко училиште биле прогласени за лауреати.
Успесите на учениците и наставниците, проследени се со подобрување на условите за изведување на теоретската и практичната настава во училиштето.
„Со помош на локалната самоуправа на Општина Прилеп, обезбедени се средства за комплетно опремување на две училници по колективна настава со клупи, столчина и плакари за сите кабинети, варосување на училиштето и поплочување на дел од визбата. Сакам да истакнам дека нашето училиште има нова библиотека и официјална веб страна, набавени се и два компјутера и три печатачи, а за потребите на наставниците, односно за поквалитетно изведување на онлајн наставата, градоначалникот Илија Јованоски донираше десет таблет компјутери“, вели Славица Конеска-Темелкоска, директорка на ООМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“.
Таа потенцира дека дел од инвестициите се реализирани и со сопствени средства, како и со разни донации.
„Голем дел од проектите ги реализиравме од сопствени средства и со помош на донации. Меѓу нив е и набавката на вертикално пијано FEURICH Universal 122 во вредност од 300.000 денари, набавена е виолина како и подиум за полу-концертниот клавир кој е сместен во НУЦК „Марко Цепенков“. Успеавме да обезбедиме средства за патување на домашни и меѓународни натпревари, кои за нас се од голема важност, како и нотна табла и музички систем за кабинетот по колективна настава. Во овие услови на здравствена криза со Ковид-19, најспецифична е работата со дувачките инструменти и соло пеењето. За таа цел, поставени се заштитни паравани меѓу учениците и наставниците, кои гарантираат заштита на нивното здравје“, истакнува директорката Славица Конеска-Темелкоска.
Од она што е планирано за реализација во наредниот период, за издвојување се кабинетот по народни инструменти со целосна звучна изолација, инвестиции во обновување на инструментариумот, поднесени се документи за проект за врати со звучна изолација на сите кабинети и, се разбира, континуираното одржување на сите инструменти.