Здружението на новинари (ЗНМ) и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) остро ги осудија заканите, повиците за насилство и навредите упатени кон новинарот и колумнист Ерол Ризаов. Од институциите се бара итна истрага и санкционирање на одговорните, додека реакции пристигнаа и од повеќе политички партии.
АВМУ: Заканите кон новинарите се закана за слободата на медиумите
АВМУ предупреди дека новинарите мора да можат слободно и непречено да ја вршат својата работа, без закани, заплашување и притисоци. Од Агенцијата укажуваат на сериозноста на коментарите објавени на официјалната Фејсбук-страница на новинарот и колумнист Ерол Ризаов, во кои има закани, повици за физичко насилство и навреди по етничка основа.
Според АВМУ, создавањето атмосфера во која заканите кон новинарите стануваат дел од јавниот простор може да има сериозни последици врз слободата на медиумите и слободата на изразување.
„Заканите за физичко насилство, повиците за нанесување повреди или одземање живот, како и ширењето омраза и навреди врз етничка основа, не се дел од легитимната јавна дебата и не смеат да се релативизираат или нормализираат“, порачуваат од АВМУ.

ЗНМ бара итно постапување од институциите
Од ЗНМ информираа дека до Министерството за внатрешни работи е испратена ургенција со барање случајот детално да биде проверен, а електронските докази да бидат обезбедени и зачувани.
Здружението очекува надлежните институции да ги утврдат идентитетите на лицата кои стојат зад профилите од кои се испраќани заканите и да проценат дали постојат елементи на кривични дела поврзани со закани, поттикнување насилство и говор на омраза. Од ЗНМ нагласуваат дека заканите кон новинарите претставуваат сериозен удар врз слободата на изразување и не смеат да бидат игнорирани.
И покрај одредени подобрувања во институционалното постапување, онлајн заканите, говорот на омраза и неказнивоста остануваат меѓу најголемите предизвици за медиумската заедница во Северна Македонија.
Реакции и од политичките партии
По реакциите на новинарските здруженија и АВМУ, со осуда на заканите кон Ерол Ризаов се огласија и политички партии.
Партијата за Движење на Турците (ТХП) оцени дека заканите, говорот на омраза и етнички мотивираните навреди претставуваат удар врз слободата на изразување и демократските вредности и побара институциите брзо да ги идентификуваат и санкционираат одговорните.
Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро ги осуди заканите и повиците за насилство, нагласувајќи дека несогласувањето со нечие мислење не смее да биде причина за омраза и физички закани. Од партијата побараа МВР и Јавното обвинителство без одлагање да го истражат случајот.
Со реакција се јави и СДСМ, од каде оценија дека заканите кон новинарот се сериозен напад врз слободата на говорот и безбедноста на новинарите, при што побараа итна реакција од надлежните институции.
Извор: DW
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место