DCIM100MEDIADJI_0020.JPG

Осум нови случаи на коронавирус во Прилеп, во сабота и недела земјоделците ќе можат да ги завршат полските работи

Вкупниот број на заболени од КОВИД-19 во општина Прилеп се искачи на 46, откако денеска беа потврдени 8 нови случаи. Во Инфективното одделение во прилепската болница се наоѓаат 9 лица, од кои 5 се позитивни на коронавирус, а за 4 се чекаат резултати од земениот брис.

Тоа на денешната прес конференција одржана после состанокот на Општинскиот кризен штаб, го истакнаа градоначалникот Илија Јованоски, директорите на здравствените институции, како и раководителот на подрачната единица на Министерството за земјоделство, кој рече дека и покрај полицискиот час, земјоделците од Прилепскиот регион ќе можат да ги извршуваат земјоделските работи.

Градоначалникот Јованоски изјави дека на седницата на Општинскиот штаб за управување со кризи било разговарано за актуелната состојба во градот и за преземените мерки после проширувањето на забраната за движење, меѓу кои беше и големата акција за дезинфекција на сите улици, плоштади, паркови и други јавни површини во градот.

Што се однесува до работата на аптеките за време на полицискиот час и во деновите од претстојниот викенд, дежурна ќе биде аптеката „Каракаш 2“. Таа ќе функционира 24 часа во текот на денот, и тоа само по телефонски повик на матичен лекар или на Итната медицинска помош. Доставувањето на лекарствата до граѓаните ќе го вршат волонтери на Општина Прилеп. Во сабота и недела, од 7-15 часот ќе работат и 5 маркети, кои со сопствен превоз ќе вршат достава до домовите на граѓаните на најнеопходните прехранбени производи. За време на полицискиот час ќе работат и други компании и фирми, кои за своето работење обезбедиле дозвола од Министерството за информатичко општество и администрација.

„Сакам да напоменам дека за време на работните денови, од понеделник до петок, волонтерската служба на Општина Прилеп врши логистичка поддршка на старите и изнемоштени лица, самохрани родители, хронично болни лица, семејства на лица со попреченост и на други граѓани од социјално ранливите категории. Помошта која волонтерите ја даваат се состои во набавка на прехранбени производи, средства на лична хигиена, лекови и медицински реквизити, извршување на шалтерски услуги, подмирување на режиски сметки, подигнување лекарски рецепти. Сите сметки и другите трошоци за набавка на производи и лекови граѓаните сами ги плаќаат, додека волонтерите на Општина Прилеп само вршат нивна набавка и достава. Телефонските броеви на кои граѓаните можат да ги побараат нашите волонтери се 048 401 700 и 0800 00 210. Во сабота и недела, волонтерите до граѓаните ќе доставуваат само лекарства“, напомна градоначалникот Јованоски.

Јованоски упати апел до граѓаните да не ги злоупотребуваат дозволите за движење за време на полицискиот час, туку да ги користат само за извршување на неопходните потреби, за кои дозволите и им се издадени.

„Уште еднаш апелирам да бидеме повнимателни и поодговорни, да ги почитуваме сите препораки и мерки кои ги предложија Владата и Министерството за здравство. Почитувајте ги сите, почитувајте се себеси и своите семејства и седете дома. Затоа што тоа е единствениот начин да имаме помалку инфицирани во нашиот град“, апелираше градоначалникот Јованоски..

„Досега имаме направено околу 250 тестирања, што значи дека секој ден до Институтот за јавно здравје се испраќаат од 15 до 25 тестови. Бројките кажуваат дека не се почитуваат мерките. Тие треба да се почитуваат, бидејќи следна построга мерка би била ставање на градот во карантин. Одговорот е во нас граѓаните, треба да се придржуваме до мерките и да не ја потценуваме ситуацијата“, нагласи Драгица Николоска, директорка на Центарот за јавно здравје – Прилеп.

„Во Инфективното одделение на Општата болница во Прилеп хоспитализирани се 5 пациенти позитивни на коронавирус, од кои четворица се на средна возраст, а еден е повозрасен. Исто така имаме и четворица пациенти кои се сместени во простор на изолација и за кои се чекаат резултати од тестирањето. Во работата на ова одделение од сабота ќе се вклучат 5 специјализанти и 5 медицински сестри од другите одделенија, со цел да помогнат во работењето. Разгледувајќи ги локациите на другите одделенија кои можат да послужат, го преадаптиравме просторот за физикална терапија кој моментално не работи. Таму ќе се сместуваат пациенти кои се сомнителни за коронавирус, а кои биле претходно прегледани“, најави директорот на Општата болница „Борка Талески“, Драги Богојески.

Оливера Аџиоска, директорка на ЈЗУ Здравствен дом, рече дека во најскоро време очекува дека пунктот за тестирање од коронавирус, кој е предложен да функционира во склоп на Здравствениот дом, ќе биде прифатен од страна на Министерството за здравство.

„За вториот пункт имавме сугестија дека може да биде отворен во друга општина, но во наш објект. Така што е можно вториот пункт да биде отворен во Кривогаштани, без разлика што е во друга општина“, рече Аџиоска.

„За време на полицискиот час во викендот, сите земјоделци кои се жители на Прилеп и нивните ниви се наоѓаат на територија на градот, можат без дозвола и без пријавување во полиција, да појдат и да ги обработуваат нивите. За другите, чии ниви се во друга катастарска општина, односно од Прилеп треба да појдат во Мало Коњари, Штавица или други населени места, за нив е задолжително да имаат дозвола. Доколку од некоја причина не успеале да извадат дозвола, можат на телефонскиот број 192 да го најават своето движење и да појдат да ги завршат земјоделските работи“, соопшти раководителот на подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Пачешкоски.

Забраната за движење во деновите од викендо започнува утре, петок во 16 часот и ќе трае до понеделник во 05 часот.

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …