Пред крајот на третиот мандат, идентично како и останатите негови колеги од општините во кои власта е во рацете на ВМРО-ДПМНЕ, прилепскиот градоначалник Марјан Ристески се огласи со отчет за сработеното во изминатата 2016 година.

Она што паѓа во очи е дека во најголемиот дел од таканаречениот „отчет“ се набројуваат проекти кои или се во почетна фаза на реализација, или пак воопшто не во надлежност на локалната самоуправа. На пример, во својот отчет Ристески ја споменува изградбата на инфраструктурата во Технолошко-индустриската развојна зона (ТИРЗ) „Прилеп“, иако и самиот кажува дека истата е инвестиција на Дирекцијата за технолошко-индустриски зони и на Владата на РМ. Останува и дилемата за причините поради кои инвестициите на јавните претпријатија и на институциите кои се во надлежност на Владата и на ресорните министерства, градоначалникот на Општина Прилеп ги смета за достигнувања на локалната самоуправа. Свое место во отчетот најдоа и индустриските зони кои градоначалникот Ристески не заборава да ги спомене на почетокот на секоја нова година, а во кои освен што градежните парцели се продадени по екстра поволни цени, практично не се случува ништо конкретно.

Исто така, прилично нејасно е зошто како завршена работа се прикажува нешто што се уште не почнало да функционира? Таков е примерот со фабриката „Акомпласт“ која, како што тврди Ристески, требало „наскоро“ да почне со работа и во која ќе имало над 150 вработувања. Уште побесмислено е што како завршена работа се смета „финиширањето на преговорите“ со две мултинационални компании кои покажувале интерес за инвестирање во ТИРЗ „Прилеп“.

Од реализираните проекти прилепскиот градоначалник ги набројува измените и дополнувањата на Генералниот урбанистички план, легализацијата на дивоградбите, асфалтирањето на улици во градот и населените места, почетокот на изградбата на таканаречениот „музички парк“, новиот пешачки мост со вредност од 25.000 евра, изградбата на потпорни ѕидови за кои биле потрошени 50.000 евра, новите парковски површини во неколку урбани заедници, како и инвестициите во образованието.

За потсетување, буџетот на Општина Прилеп за 2017 година е „тежок“ 17.4 милиони евра. Прилепската опозиција не излезе со свој коментар за отчетот на градоначалникот Марјан Ристески, кој за познавачите на политичките прилики во градот претставува најава за неговата кандидатура за нов, четврт мандат.

Зоран Милошески

Извор: СЛОБОДНА