Сибиновски ќе биде запаметен по тоа што во годините на неговиот мандат постави нови стандарди во осовременувањето и техничкото опремување на училиштето
Александар Сибиновски, директорот на училиштето за средно образование „Владо Тасевски“, по пет и пол годишен се повлекува од функцијата директор, соопшти тој денеска на неговиот Фејсбук профил. Тој на оваа позиција беше назначен во 2018 година.
Сибиновски ќе биде запаметен по тоа што во годините на неговиот мандат постави нови стандарди во осовременувањето и техничкото опремување на училиштето.
„Понекогаш стремежот за континуиран развој, за подобро утре, доведува до несогласувања, а кога ќе се појават тие, доблесно е да се разделиме за доброто на сите. Од денеска престанува мојот мандат како директор на СУГС „Владо Тасевски“ врз основа на поднесена оставка до градоначалник на град Скопје“, напиша тој на Фејсбук.
Од утре Сибиновски се враќа, како што вели, во спортската сала, како професор по физичко образование.
„Бела маица и шорц за момците, бела маица и тренерка за девојките е задолжително за час по спорт“, додава тој.
Инаку интересот кај учениците за избор на ова стручно училиште расте во последниве години. Најголем интерес има за насоката електротехничар за компјутерска техника и автоматика, но и за електро струката, за машинската струка, како и за сообраќајната струка.
Извор: МЕТА