Седумнаесет производители на месо и производи од месо не декларирале точен состав на содржината на вода, масти и протеини. Ова го откриле анализите на одговорните во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Првично, за Мета директорот Оливер Миланов, за Мета тврдеше дека анализите покажале дека со месото и месните продукти „сè е во ред.
Kaко што се наведува во одговорот од Агенцијата за Мета, биле земени 46 примероци од производи и подготовки од месо.
„Добиени се 17 незадоволителни наоди од тестирања кај производи и подготовки од месо од 46 земени примероци. Тестираните примероци се безбедни за консумација од страна на граѓаните, иако за нив се добиени незадоволителни резултати во однос на квалитетот, односно, кај нив безбедноста не е доведена во прашање. За утврдените неусогласености изречени се глоби во висина од 24.500 евра“, информираат во АХВ.
Инспекторите во март и во април спровеле вонредни инспекциски надзори за да извршат проверка на квалитетот на храна од животнинско потекло од малопродажни објекти. Примероците биле земени од малопродажба.
АХВ веќе објави дека од земени и анализирани 45 мостри од млеко и млечни производи, дури кај 10 компании утврдено е дека анализираните примероци не одговараат на одредбите од Правилникот за квалитет на земјоделските производи, односно, со тестирањата констатирано е дека во производите има помал процент на млечни масти од декларираното.
Кај една компанија од која биле земени 22 килограми ситно сирење како мостри, било утврдено дека наместо 20 проценти, како што е декларирано, во сирењето имало само 1 процент млечна маст. За ова на фирмата ѝ била изречена парична казна од 3.500 евра. На осум други компании, меѓу кои и увозници и производители, за слична измама на потрошувачите, односно помал процент на млечна маст од декларираното, им биле изречени казни од по 1.050 евра. На уште една млекара која наместо млечна маст користела палмина маст АХВ ѝ изрекла казна од 1.300 евра. Од оваа млекара биле одземени половина тон (500 килограми) „млечен производ“ и безбедно биле уништени на депонија.
„Во рамки на овие контроли добиени се 10 незадоволителни наоди од тестирања кај примероци од сурово млеко и производи од млеко, од вкупно 45 земени примероци. Изречени се глоби во висина од 13.200 евра во денарска противвредност. Во најголем дел од утврдените неусогласености кај оваа категорија производи кои беа контролирани и лабораториски тестирани се однесуваат за отстапувања во процентот на млечни масти како и за користење на растителни масти како замена за млечни масти (палмина маст) кои не се декларирани, а производот се продавал како со што потрошувачите биле доведени во заблуда Согласно Правилникот за барања за квалитетот на суровото млеко, стандардите за квалитет на конзумното млеко, млечните производи и употребата на нивните називи, квалитетот и активноста на стартер културите, сирилата и други специфични материи и начинот на нивна употреба, начинот на дополнително означување на млекото и млечните производи како и дозволеното отстапување на тежината во однос на декларираната и Законот за квалитет на земјоделски производи“, информира АХВ.
Проф. д-р Соња Србиновска од Институтот за анимална биотехнологија при Факултетот за земјоделски науки и храна на УКИМ, за Мета изјави дека правилата во оваа област не се нови и дека уште од 2011 година постои јасна регулатива според која производ во кој млечната маст е заменета со палмина маст не смее да го носи називот „сирење“.
„Очигледно е дека правилникот не се почитува. Ова е измама и компаниите ова го прават за да заработат. Казните што им се изрекуваат се премали и мора да бидат многу поригорозни“, кажа Србиновска.
Извор: МЕТА
ПУБЛИКУМ Вистината на прво место