По неколку часа парламентарна дебата, Претставничкиот дом односно долниот дом на Конгресот на САД ја изгласа резолуцијата за отповикување (импичмент) на претседателот Доналд Трамп на помалку од една седмица пред крајот на неговиот мандат.

Резолуцијата, односно одлуката, го товари првиот човек на САД за „поттикнување бунт“ за неговиот говор минатата седмица, кој доведе до насилни протести и упад во Законодавниот дом на САД на Капитол хил во Вашингтон.

Одлуката во Претставничкиот дом беше донесена со 232 гласа „за“, наспроти 197 гласа „против“. Гласањето го констатираше Ненси Пелоси од Демократската партија, која го има мнозинството во Долниот дом на Конгресот. Десет од гласовите беа од Републикански пратеници.

Сепак, дали Трамп ќе биде отповикан ќе реши Сенатот, кој на претходната ваква постапка не реши да го отстрани од функцијата. За оваа одлука на Претставничкиот дом, Сенатот допрва ќе решава.

Инаку, вчера Претставничкиот дом исто така изгласа Резолуција со која го повика потпретседателот Мајк Пенс да се повика на 25-от амандман на Уставот на САД и да му ги одземе овластувањата на Трамп под оправдание за неможност за извршување на функцијата.

Со денешната седница почна второто отповикување на Трамп во текот на неговиот мандат. Трамп беше отповикан во Претставничкиот дом во декември 2019 година, под обвинување дека ги прекршил законите со барањето Украина да го истражи однесувањето на тогашниот кандидат за претседател на САД, а сега новоизбран претседател на САД, Џо Бајден. Сепак, за да се заврши постапката, тогаш требаше и Сенатот да го потврди отповикувањето, но Горниот дом на Конгресот го ослободи Трамп од обвинението.

Извор: МЕТА