Отворен ден на граѓанското образование во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“, Михаил Јорданоски избран за дете правобранител

Со работилница на тема „Среќно училиште”, со цртање во училишниот двор на тема ,,Детство” од страна на учениците од ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ и OУ „Пере Тошев“ од с.Десово, со видео презентација и дебата на тема „Ученички  иницијативи за подобрување на демократската клима во училиштето“, во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ се одржа Отворениот ден на граѓанското образование. Дел од денешниот настан беше и изборот на дете правобранител, при што после спроведеното гласање, ученикот Михаил Јорданоски освои најголем број на гласови.

Кети Стевананџија, директорка на ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“, нагласи дека настанот е организиран како нов концепт од програмата на Бирото за развој на образованието.

„Денеска во нашето училиште беше организиран ‘Отворен ден на граѓанското образование’. Овој настан е организиран како нов концепт од програмата на Бирото за развој на образованието, каде во фокус се граѓанските вредности и практикувањето на демократското функционирање на учениците. На овој ден во нашето училиште беа организирани голем број на активности, меѓу кои работилница, цртање на цртeжи од страна на партнер училиштето OУ ‘Пере Тошев“ од Десово, а преку еден демокрaтски чин беше избран и ‘дете правобранител’. Ја користам оваа прилика да им кажам на учениците дека ги поддржувам во нивното демократско помагање во училишниот живот и им посакувам уште голем број на вакви успешни приказни како денешниот настан“, истакна Стевананџија.

Изборот на дете правобранител беше направен согласно Законот за основно образование, каде на конкурс беа повикани учениците од седмо и осмо одделение да пополнат апликација со мотивационо писмо.  Беше формирана комисија од наставен кадар, стручна служба, директор и дете – претседател на ученички парламент, кои од 9 пријавени кандидати, за дете правобранител го избраа Михаил Јорданоски.

„Оваа година за прв пат сум избран за дете правобранител. Навистина сум горд заради тоа и ќе се трудам да ги застапувам детските права. Се чувствувам многу возбудено, а идејата да се пријавам на конкурсот потекна од судирот со проблемите на моите соученици. Иако оваа улога ми е нова, сакам да ги решам сите проблеми и да нема конфликт меѓу моите соученици“, изјави Јорданоски, чиј мандат трае две години.

 

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …