Отворен Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“

Отворен Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“

Синоќа на Камената бина во центарот на Прилеп, по 46-ти пат се крена завесата на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, фестивал кој претставува еден од столбовите на нашата култура и важно обележје на нашиот идентитет.

„Она што во далечната 1974 година го започнаа Пеце Атанасовски, Живко Фирфов, Илија Лашкоски и уште неколкумина други ентузијасти и вљубеници во изворната македонска музика, со годините прерасна во престижна манифестација од меѓународен карактер. Повеќе од четири децении, анонимните народни уметници од сите краишта на нашата земја, се собираат на Рудината во Долнени и во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, за да го дадат својот удел во продолжувањето на традицијата и во зачувувањето на препознатливата македонска песна и автентичното македонско оро“, изјави на отворањето на Фестивалот градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски.

Отворен Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“Тој нагласи дека дека посебно радува фактот што од година во година, се’ поголем е бројот на млади луѓе кои покажуваат интерес за изучување на изворниот мелос. Во таа насока, организаторите на Фестивалот заслужуваат честитки, пред се’ заради одржувањето на едукативни работилници и семинари, преку кои ја доближуваат македонската изворна музика до младите генерации.

„Заради пандемијата на Ковид-19, годинешното издание на Фестивалот се одржува во специфични услови. Меѓутоа, верувам дека тоа нема да го намали квалитетот и значењето на оваа исклучително значајна манифестација. Со апел за почитување на препораките и протоколите на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство за заштита од Ковид-19, на организаторите и на учесниците им посакувам уште едно успешно издание на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, истакна градоначалникот Јованоски.

На годинешното фестивалско издание учество ќе земат околу 140 инструменталисти, играорци и пејачи од нашата земја. Секој од нив ќе добие статуетка, а на најуспешните, жирито ќе им ги додели наградите „Гајдата на Пеце“, како и наградата „Гран при“.

Во рамките на Фестивалот, во фоајето на ЦК „Марко Цепенков“ е отворена изложба на традиционални предмети и носии од прилепско.

Генерален покровител на Фестивалот е Министерството за култура, а покровители се Општина Прилеп и Општина Долнени.

Прочитајте повеќе

Сите македонски претседатели - од Глигоров до Пендаровски

Сите македонски претседатели – од Глигоров до Пендаровски

Од 1991 година досега, петмина претседатели избрани од парламентот и од народот ја имале привилегијата …