Експозитура на „Македонски пошти“ е отворена денеска во селото Канатларци- Прилепско. Во овој реконструиран објект вработените ќе пружаат поштенски услуги на жителите од ова и неколку други соседни села. Инвестицијата е реализирана како плод на соработката меѓу Општина Прилеп и „Македонски пошти“- Скопје.
Денеска делегации од Општина Прилеп, со градоначалникот Илија Јованоски, и од „Македонски пошти“ со директорот Ејуп Рустеми, присуствуваа на чинот на ставање во функција на овој објект.
„Денеска покажуваме типичен пример на соработка на локалната со централната власт. Имено во селото Канатларци ја отворивме експозитурата на ‘Македонски пошти’, која што ќе биде на услуга на граѓаните од овој регион и околните села,за да може да ги добиваат поштенските услуги.Со ова се заштедува времето на сите овие граѓани, од овој дел од пелагонискиот регион, бидејќи овде ќе ги добиваат потребните поштенски услуги“,изјави градоначалникот Илија Јованоски.
Дека отворањето на оваа експозитура во селото Канатларци е одличен пример за соработка меѓу „Македонски пошти“ и Општина Прилеп потврди и директорот, Рустеми.
„Како ‘Македонски пошти’ сакаме да бидеме присутни во секое населено место, за да бидеме што поблиску до секој граѓанин и оваа соработка што ја имаме, со промоција на оваа пошта овде, мислам дека ќе продолжи понатаму и со Општина Прилеп и со сите други општини. Со тоа сакаме што поблиску да бидат исполнети сите други потреби на граѓаните на Република Македонија, да ги извршуваат во ‘Македонски пошти’. Уште еднаш му се заблагодарувам на градоначалникот што ни даваше одлична поддршка. Со ова ќе биде добро за сите граѓани на ова село“, рече Ејуп Рустеми, генерален директор на „Македонски пошти“.
Граѓаните се сеќаваат дека оваа пошта некогаш работела. Но, велат пред повеќе од 8 години. Ним не им е јасно, зошто прекинала со работа, и зошто како што велат никој не ги известил за тоа. Сега по 8 години,објектот е реновиран, вработен е нов кадар, којшто ќе биде на услуга на жителите од регионот.
Отворањето на оваа пошта му го олеснува животот на жителите во ова населено место. Тие велат дека така им се скратува времето,а не прават ниту дополнителни трошоци за гориво до градот. Овде ја земаат пензијата, ја обавуваат целата поштенска кореспонденција, со своите роднини, пријатели, плаќаат сметки, едноставно населеното место наликува на урбанизирана средина.
Но, не само жителите на Канатларци, во оваа пошта, услугите ќе ги добиваат и граѓаните од околните соседни села: Ерековци, Марул, Подмол …
Општина Прилеп, вложува напори сите рурални средини да ги урбанизира, да се подигне квалитетот и да се олесни животот на овие граѓани.