Отворено инклузивно игралиште во Аеродром

Денеска беше отворено инклузивно игралиште во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Општина Аеродром како донација од компанијата ОКТА, во соработка со фондацијата „Чекор по чекор“.

Игралиштето нуди пристап и за децата со попреченост, со што се поттикнува нивна поголема инклузивност во наставата и во слободните активности.

„Ние како институција максимално се залагаме за инклузивно образование. Работиме во насока на градење еднакви услови за образование за сите деца да имаат еднаков пристап до училиштата, детските и спортските игралишта. Со ваква заедничка соработка меѓу граѓанскиот сектор, бизнис-заедницата и државните институции можеме уште повеќе да ги подобриме условите за нашите ученици и да создадеме подобар свет за сите“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.

Покрај тоа, со поддршка на проектот „Биди ИН“, ќе се гради и отворено инклузивно игралиште во основното училиште „Љубен Лапе“, како и две сензорни училници во училиштата „Ѓорѓија Пулевски“ и „Блаже Конески“.

„ОКТА како општествено одговорна компанија со задоволство се вклучи во овој проект за подобрување на условите за едукација и рекреација на сите деца. Свесни сме дека подобра иднина е можна само доколку сите заедно учествуваме во нејзината изградба. За нас е важно да бидеме дел од напредокот, особено кога станува збор за најмладите. Децата со попреченост заслужуваат можности со кои полесно ќе се интегрираат во образованието и во заедницата“, изјави главниот извршен директор на ОКТА, Вук Радовиќ.

Општина Аеродром во континуитет работи на подобрување на условите во училиштата, со посебен акцент на децата со попреченост, создавајќи услови за што поголема инклузија на овие ученици и нивно поврзување со врсниците.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …