Пишува: Зоран Милошески
Пред крајот на третата деценија од својот независен, суверен и самостоен живот, Македонија дојде до најважната раскрсница во своето патешествие. Исчекувањето на разврската околу (не)добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ, кулминира онака како што се ближи моментот на вистината – ќе не’ биде или не?
Се разбира, без разлика на исходот, и државата и граѓаните ќе продолжат да функционираат и живеат. Само, прашањето е – како? Бидејќи, во зависност од одлуката од ЕУ самитот, во огромна мера ќе зависи и одговорот на поставеното прашање. А дека ни малку не е се’ едно, не е.
Во изминатите години, сите претходни Влади вклучително и актуелната, како врвен приоритет го истакнуваа членството на државата во НАТО и ЕУ. Истиот став, барем декларативно, го имаа и сите релевантни политички субјекти во државата. Иако фактите кои излегоа на виделина кажуваат дека не било баш се’ така како што се кажувало, односно дека политичари од сегашната опозиција како најобични праматари се пазареле со името на државата. Но нејсе, во моментов тоа не е најважната тема.
И конечно, после се’ што доживеавме и преживеавме во дваесет и осумгодишното битисување, еве не’ на директно соочување со реалноста. Тет-а-тет.
Каде бевме, знаеме. Каде сме, не баш. Каде ќе одиме, ќе дознаеме многу скоро. Но, она што треба да се потенцира, е дека можеби не во иста мера, но не многу помала е одговорноста која ја носат европските лидери при изрекувањето на “пресудата“. Оти она што го бараа…а не беше малку… го добија. Впрочем, лидерите на ЕУ, меѓу нив и самиот Макрон, пред само стотина дена од Брисел ја испратија пораката дека Северна Македонија ги исполнила очекуваните резултати, но дека заради календарски усогласувања на земјите членки на ЕУ, одлуката за преговори за членство во Унијата ќе ни биде испорачана во октомври. Ако беше така, а беше… тогаш, почитувани европски демократи, октомври одамна тече!
После сите исполнети барања, после неброените пофалби за постигнатите и испорачани резултати во последните две години, после даденото конкретно ветување дека поканата ќе ја добиеме токму овој месец, секоја поинаква одлука освен одредување датум за почеток на преговорите, ќе значи нарушување на кредибилитетот на ЕУ и драстичен пад на довербата во европските институции. Заради кршење на дадениот збор. Заради непринципиелноста во начинот на функционирање. Заради обесхрабрувачката порака испратена до граѓаните не само на Македонија, туку и на сите останати држави кои својата перспектива ја гледаат во приклучувањето кон сојузот на европските држави и народи.
Никој не вели дека Македонија, како држава, ги елиминирала сите аномалии во своето функционирање. Напротив, проблемите кои се провлекуваат од денот на прогласувањето независност, и денес претставуваат рак-рана на нашето општество. Очајното правосудство, корупцијата, гломазната администрација, партизираните државни институции, отсуството на санкции за криминалците од претходната власт… Се’ се тоа минуси кои, иако во голем дел се наследство од претходниците, одат на контото на владејачката коалиција. Кои, барем што се однесува до премиерот, ниту ги негира, ниту ги релативизира.
Меѓутоа, ќе ги реши ли евидентираните проблеми оваа или некоја следна Влада, ако не го добиеме очекуваниот и заслужен датум? Не, туку тие дополнително ќе ескалираат, со можност да предизвикаат внатрешна дестабилизација на државата. Освен тоа, како единствен аргумент заради кој Франција се колеба околу почетокот на преговорите на Македонија и Албанија, е инсистирањето на Макрон на утврдување нова методологија за преговори, па дури потоа одредување датум за двете држави. Што, според ставот на Заев но и на сите останати лидери на земјите членки на ЕУ, е аргумент со „стаклени нозе“, од причина што не би претставувало никаков посериозен проблем ако двата процеса, одредувањето датум и воведувањето нова методологија, се одвиваат паралелно.
Што се однесува до нашиот двор, случувањата во Брисел се набљудуваат и коментираат низ различна призма. Факт е дека не сите ја разбираат важноста од добивањето датум за почеток на преговори со ЕУ, верувајќи дека е потполно се’ едно каква ќе биде разврската од дводневниот самит. Други сметаат дека стартот на преговорите ќе значи широко отворање на вратите за одамна очекуваните промени во државата, кои со добиен датум ќе се одвиваат многу побрзо и поефикасно. Трети пак, негативниот одговор го сфаќаат како основа за почеток на апокалиптично сценарио, на кое одредени структури од најголемата опозициска партија отворено работат. Како поткрепа на тоа ги земаат јавно искажаните ставови на најтесното раководство на партијата на Мицкоски, кои недвосмислено укажуваат дека француското „NON“, по секоја цена треба да подразбира пад на Владата на Заев.
Она што е најблиску до вистината, е изјавата на премиерот дека неиспорачувањето на очекуваната и заслужена позитивна одлука, со сигурност ќе ги поттикне регресивните сили во земјата и ќе го зајакне интересот на трети страни во регионот.
Надежта последна умира. Затоа, сите можни сценарија, освен позитивното изјаснување на шефовите на државите и Владите на ЕУ по прашањето на одредувањето датум за преговори за Република Северна Македонија, ги оставам на страна!