Пишува: Зоран Милошески

Прилепскиот Основен суд го отфрли и второто обвинение кое против еден од водачите на „Шарената револуција“ во Прилеп, Жарко Стеваноски, го поднесе СВР Битола-Полициска станица (ПС) Прилеп.

Со донесената пресуда Стеваноски е ослободен од одговорност од поведената прекршочна постапка дека на 18.05.2016 година, испишувајќи го графитот „Кај ви е хилтата?“ на асфалтот пред старата зграда на Општина Прилеп, сторил прекршок со кој ја загрозил безбедноста во сообраќајот. Имено, според поднесеното обвинение, испишаниот графит „имитирал односно личел на сообраќаен знак со што ги заслепувал учесниците во сообраќајот и го одвраќал нивното внимание“.

Стеваноски ја најави ваквата разврска на сите обвиненија кои против него ги поднесе СВР Битола, па токму затоа ги потсетува подносителите дека постои законска регулатива која го санкционира лажното пријавување на кривично дело или прекршок.

„Ако овластените лица подносители на издвоените барања за поведување на неколкуте прекршочни постапки сметаат дека за ваквото постапување нема да сносат никакви последици, ќе ги потсетам на законската регулатива која го санкционира несовесното работење во службата и лажното пријавување на кривично дело или прекршок. Очигледно е дека оваа власт која полека заминува во историјата, ќе остане запаметена како една од најозлогласените во практикувањето и манифестирањето моќ на нејзините институции заради лични цели и пресметки со неистомислениците. Повеќе од сигурно е дека системот се рестартира под притисокот на граѓанската свест и иницијатива за негово подобрување“, вели Стеваноски.

Откако пред еден месец Основниот суд во Прилеп му изрече ослободителна пресуда, ова е втората пресуда со која Стеваноски е ослободен од обвинение кое беше идентично како и првото. Против него СВР Битола-ПС Прилеп има поднесено уште 4 други пријави кои, како и претходните две, се за наводно сторен прекршок по чл.191 од Законот за безбедност во сообраќајот.