депресија

Пандемијата со ковид-19 има огромно влијание врз психичката состојба на младите

Пандемијата со ковид-19 има огромно влијание врз психичката состојба на младите, која и онака е подложна на промени, а нивната психа е посебно „чувствителна“ кога се во пубертет, тинејџери или адолесценти. Проблемите посебно беа потенцирани додека тие беа затворени дома, не се дружеа со врсниците, не одеа на училиште.

Во однос на тоа како ковид-кризата влијаеше врз младите, психологот Дора Попова Узуновски во разговор за „Мета“ вели дека младите би ги поделила во три категории.

„Млади кои креативно и позитивно се справија со кризата, или такви кои воопшто не ја почувствуваа; млади кај кои кризата предизвика промени во однесувањето, мислењето и чувствувањето, меѓутоа издржливо се справуваа со кризата; млади кои навистина тешко се справуваа со кризата и променети им се цели животи, проследени со негативни состојби на депресија, анксиозност со панични напади, параноидни мисли, страв од дружење и излегување итн,“ вели Попова Узуновски.

Таа додава дека според нејзината пракса, бројот на оние кои бараат помош е зголемен, посебно кај тинејџерите.

„Тие се во најинтензивниот период на раст и развој каде што се случуваат бројни и бурни промени, па посебно затворањето во кризата влијаеше тешко врз нив. Се разбира, голем удел овде имаат и родителите. Колку повеќе родителите беа исплашени, толку децата потешко се справија со кризата, пред сè бидејќи имаа недостаток во разбирањето на потребите,“ додава Попова Узуновски.

Проблемите со кои најмногу младите се соочиле се поврзани со нивната слобода на движење и изразување.

„Се разбира, тоа се одразува на нивниот социјален живот. Доминантна потреба кај младите луѓе е потребата од дружба и социјална интеракција. Ме прашувате дали тие проблеми влијаат врз комуникацијата со семејството. Јас ви велам, во голема мера тие проблеми се предизвикани од семејството и од тоа како семејството како целина се справувало со кризата. Човек што живее во страв, тешко е способен да обезбеди поддршка и разбирање. Многу млади се затворија во своите соби и долг период не излегоа од таму. Останаа сами во траумата, од едноставна причина што ако ја побараа поддршката од своите уплашени родители им беше речено дека состојбата е таква каква што е и дека треба да се прилагодат и да ја прифатат. Се разбира, секое семејство е индивидуална приказна, не велам дека ова е генерална појава, само ја дадов како еден од примерите,“ додава таа.

Попова Узуновски појаснува дека дали ќе бидат состојбите минливи или ќе остават трајни последици, зависи од многу фактори, а пред сè, од тоа колку време ќе потрае пандемијата и што уште ќе следува од неа.

„Сепак знаеме дека таа не е завршена. Колку подолго ќе трае, последиците ќе бидат потрајни. Проблемот е што навиките не се само психолошки. Кога едно однесување станува репетитивно во долг временски период, така се формира навиката, која се спушта и на телесно, физиолошко ниво, додека други навики кои долго време не се употребуваат, се гаснат. На почетокот напоменав дека има поединци кои позитивно и ефективно се справија со кризата, дури не ја ни почувствуваа. Последиците кои ќе следат, до некое ниво, повторно ќе зависат од капацитетите на личноста и од здравите или болните механизми на справување,“ појаснува Попова Узуновски.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека сега треба да се работи со децата кои што го сменија начинот на живот и имат проблем затоа што им прекина дружбата и ќе треба да се ресоцијализираат. Тоа како што појасни тој бара поинаков пристап, луѓе кои ќе бидат присутни на терен подготвени и едуцирани да ги препознаваат тие проблеми за да можат да им излезат во пресрет.

„Една студија која ја работи Универзиттеот Харвдард со неколку други универзитети во САД покажа дека состојбата со менталното здравје сè уште не е како што треба да биде. Односно дека кризата оставила последици во однос на сите елементи нотирани кај учесниците, партиципиентите во таа студија како проблеми во менталното здравје во делот на анксиозноста, стравот, паничните напади, се уште трае. Ова значи дека после завршување на кризата треба многу интензивно да се работи. Таа здравствена криза никој не ја очекуваше и една од најголемите карактеристики беше што требаше да бидеме раздвоени, што е сосема спротивно на нешто што еволуцијата не учи. А, еволуцијата не учи на социјализација, решавање на проблемите заедно и сега имаме една ситуација во која што треба да бидеме посебно раздвоени кога некој е диагностициран или е ставен во изолација, и како додаток на се е стравот кој што не може да се сподели и да се искомуницира што е уште еден дополнителен проблем,“ рече Филипче на отворањето на Центарот за психосоцијална поддршка на Црвениот крст.

Тој информираше дека со колегите од Србија и УНИЦЕФ иницирале заеднички проект за подигнување на нивото на знаење и тренинг кај психолозите во училиштата, психијатри во препознавање на предизвите на психолшката кај најмладите.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Победник на вечерта: „Опенхајмер“ освои седум Оскари

Филмот „Опенхајмер“ ја оправда фаворитската улога на 96. доделување на најпрестижните филмски награди во светот. …