Пишува: Доц. д-р Јасмина Трајкоска

Борбата меѓу доброто и злото е вечна. Борбата за општествено добро во Република Македонија најчесто започнува пред избори и завршува со почетокот на изборниот процес, во кој неминовно е “борците” да се “извалкаат” бидејќи граѓаните се навикнати на поткуп, на клиентелизам, навикнати се некој да им каже како треба.

На 23 јануари 2007 година, Општина Ѓорче Петров организираше референдум во населбите Волково, Кисела Јабука и Стопански Двор, за жителите да се изјаснат дали би платиле самопридонес од 500 евра за да се изгради канализација. Изјаснувањето било успешно, излегле 63% од гласачите и над 90% гласале “за”.

Граѓаните на овие општини се задоволни, среќни бидејќи ќе имаат канализација за која се изјасниле преку најдемократската алатка, сами си одлучиле за тоа и сами си платиле, а дури и целиот процес се смета за успешен. Ваквата импровизација на референдумот како алатка, е школски пример за непостоењето на основни демократски капацитети. За трагедијата во која учествувале и самите граѓани можеби никогаш нема да бидат свесни, или се свесни, но во исто време и задоволни. Ова, засега, можам да го наречам референдумска пародија која ни се повтори повеќепати до сега.

Граѓанската свест, совест и партиципативност ги немаме. За тоа постојат многу аргументи за кои секојдневно сведочиме, политичките партии се сé, и држава и граѓани и институции. Шарената револуција беше “новост”, во неа учествуваа граѓани кои имаа идеали, надеж, желби, заеднички вредности, кои не вклучуваа политички партии, туку визии за функционално општество. Во тоа време медиумите пренесуваа: “Шарената револуција против еднопартискиот систем, на денешниот протест демонстрантите побараа прво да се спроведат реформи, а после да има избори”.

Партиите од тогашната опозиција агресивно се приклучија кон граѓанското движење и, за жал, го презедоа како заедничка борба, но и тоа беше надеж. И самата нивна кампања се базираше на истото “За живот во Македонија”.

Што гледаме денес? Јасни, бесрамни, некадарни парадржави! Во изминатиот период тоа беше само една парадржава – ВМРО-ДПМНЕ, за која тогашната министерка за внатрешни работи, завчерашна гостинка во емисија, викаше МВРО-ВМРО. Тоа е фактичка параинституција. А денес имаме парадржави: освен ВМРО-ДПМНЕ, се појавија СДСМ и ДУИ како дополнителни парадржави, во државата за која се надевавме дека ќе е “европска”. Верувам дека во ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ има членови кои се свесни за оваа појава, но не знам дали доволно се борат против тоа зло. А ние граѓаните, имаме обврска нив да ги научиме што значи да си граѓанин. Тоа не е само да си државјанин, патриот или припадник на политичка партија. Граѓанин е концепт, свест за препознавање на овие парадржавни формации и борба против нив. Единствено така би имале заедничка држава. Поинаку, злоупотребите не само што нема да се намалат, туку ќе бидат се’ поболни и поболни, затоа што оваа агонија веќе предолго трае.