Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано, можете да поставите брани, но тие ќе најдат пат околу браните и ќе дотечат онаму каде што нема препреки. Слично е и со парите за интернет порталите во изборните кампањи, поточно ако не е регулирано има проблем.
Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано, можете да поставите брани, но тие ќе најдат пат околу браните и ќе дотечат онаму каде што нема препреки. Слично е и со парите за интернет порталите во изборните кампањи, поточно ако не е регулирано има проблем.
Вака во интерјвуто за Новинската агенција Мета, го објаснува прашањето околу финансирањето на изборните кампањи во интернет медиумите Д-р Сем Пауер, предавач на Универзитетот во Бристол и експерт за изборни кампањи од Обединетото Кралство.
Освен регулацијата, втората работа која ја посочува Пауер како симптоматична во однос на македонскиот систем на изборни кампањи, е тоа што најголем дел од државното финансирање е неправично распределено, поточно најголем дел од парите оди кај големите и етаблирани политички партии.
Покрај за овие прашања, Пауер во интервјуто зборува и за тоа дали навистина изборните кампањи прават разлика во изборите, односно колку влијаат врз конечната одлука на гласачите за кого ќе гласаат. Според него, кампањите се важни, но поверојатно е дека можете да ги убедите луѓето да излезат и да гласаат отколку да ги убедите да гласаат за вашата партија. За тоа е потребен дополнителен напор и користење на традиционалните начини на водење кампања – очи во очи со гласачите.
Тој објаснува и како се финансираат изборните кампањи во Обединетото Кралство, каде речиси и воопшто да нема државни пари за партиите во рамки на кампањата, особено нема директно прелевање на средства од буџетот.
Можете ли да ни кажете кои се добрите и лошите страни на добивањето пари од буџетот за финансирање избори, особено кога најголемиот дел од парите одат во медиумите?
Сем Пауер: Државното финансирање има многу придобивки. Идејата зад државното финансирање е дека тоа е државна инвестиција во демократијата. И, знаете, демократијата е многу скапоцена работа. И да го препознаеме тоа како нешто за што плаќате данок значи дека вие како општество инвестирате во демократијата на ист начин на кој, знаете, инвестирате во здравството или инвестирате во уметноста, се гледа како на јавно добро.
И така, државното финансирање на многу начини е навистина важен начин на инвестирање во демократските процеси, и во буквална смисла и во некој вид на филозофска смисла исто така.
И проблемот, се разбира, со државното финансирање е дека тоа е данок. Значи тоа е нешто што го земате од јавноста. Значи, треба да бидете многу внимателни со начинот на кој го зголемувате тој данок. И треба да се осигурате дека го правите тоа на начин кој е правичен. Она што го гледаме во многу земји е дека ја интензивираат нивната политика на финансирање преку државата. И тоа е случај во повеќето земји во Европа освен во Обединетото Кралство, би рекол.
Но, ќе се навратам на тоа. Она што треба да направите е да се интензивира на начин кој е правичен, така што нема да изгледа дека тоа е само нешто од кое имаат корист етаблираните партии, бидејќи позицијата на граѓаните може доста брзо да се смени од позиција на „инвестирам во системот и моите даноци одат за партиите, и тоа е добро, демократијата е добра“, во позиција на „зошто моите даноци им користат само на најголемите владејачки и најголемите опозициски партии а нема корист демократијата во општа смисла?
Тоа е сликата која што ја гледаме нашироко кога размислуваме за државното финансирање. И, исто така, мислам, со оглед дека тоа е општата слика, тоа е она што го гледаме и во Северна Македонија исто така.
Да, точно. Ова е она што го покажуваат и анализите, најголемиот дел од средствата одат кај најголемите коалиции на политички партии. Но, што кога овие пари одат за изборни кампањи во онлајн медиумската сфера? Овде, на пример, нема многу регулатива кога станува збор за онлајн веб-страници кои се дел од изборната кампања и тие добиваат пристојна сума на финансирање, да речеме. Па какво е вашето искуство? Дали овие медиуми треба да добиваат директно финансирање од државата кога зборуваме за избори? Дали ова треба да се регулира на некој начин?
Сем Пауер: Генерално, една работа што ја знаеме е дека не постои држава навистина, каде било, која има контрола, дали преку приватно или преку државно финансирање, на случувањата околу онлајн кампањите. Низ целиот свет, тоа е нешто што сè уште се обидуваме да го разбереме.
И сè уште се обидуваме да откриеме како да се регулира ова. Има земји кои се малку понапредни во тој поглед. ЕУ воведе една многу интересна легислатива, исто како Ирска и Канада. Но, навистина нема ниту една земја која што сосема го разбира.
И конкретната ситуација во Северна Македонија е многу интересна затоа што повторно, генерално, еден начин на кој се воведува државното финансирање е преку некаков вид на медиуми. Така и во држава како Обединетото Кралство, каде немаме многу државно финансирање, обезбедуваме слободни термини на телевизија за политичките партии.
Не можете да играте фудбалски натпревар без судија и да очекувате сите да играат фер.
Многу земји обезбедуваат одреден број на слободни медиуми. Значи тоа е она што го нарекуваме индиректно државно финансирање. Многу малку земји, како Северна Македонија, го имаат овој систем каде имате онлајн портали, ако сакате, или интернет портали кои се финансираат преку државата и таа е речиси како посредник.
Значи, тоа е многу, неверојатно уникатна ситуација. И како што можеме да видиме, тоа не е ситуација, ако знаеме дека е уникатна, за која има многу оправданост. Понатаму, она што го гледаме е дека ако имате таква ситуација, тогаш она што ви треба е таа да се регулира многу, многу внимателно.
И во извештајот кој го напишавме, и изминативе неколку денови, беше многу јасно наведено дека никој не е задолжен за регулирање на овие интернет портали. Било да е тоа Државната изборна комисија (ДИК), било да е тоа Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), кој било, или Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), ниту една од овие регулаторни институции немаат моќ да ги регулираат овие интернет портали.
И тоа е проблем. Ако имате систем, тој треба да биде регулиран. Знаете, стално се навраќам на примерот за фудбалот. Не можете да играте фудбалски натпревар без судија и да очекувате сите да играат фер.
Ви треба судија кој е назначен. Значи, ако немате одговорен судија, таму почнуваат проблемите. Така, во најмала рака, ако го имате овој систем, кој е донекаде единствен, ви треба некој да го регулира за да се осигурате дека се игра според правилата.
Интересно е затоа што, на пример, телевизиските станици и радијата и печатените медиуми, тие се регулирани кога станува збор за финансирање на изборите. Тие се дел од целиот систем, но тие се регулирани. Искрено речено, најголемиот дел од финансирањето за медиумите оди кај телевизиските станици и само мал износ оди кај интернет новински сајтови. Иако сумата не е незначителна. Но, кога зборуваме за изборни кампањи, знаеме дека се трошат многу државни пари, пари од буџетот. Дали мислите дека овие изборни кампањи всушност прават разлика? Дали луѓето имаат тенденција да одлучат за кого ќе гласаат врз основа на кампањата непосредно пред изборите?
Сем Пауер: Тоа е претпоставувам, како што велат во САД, прашање од милион долари. Дали изборните кампањи се важни? И ако се, тогаш на кој начин се важни? Јас сметам дека секако кампањите прават разлика. Еден од проблемите во смисла на докажување на ова, е дека е многу тешко да се најде хипотетичката, да ја пронајдете кампањата каде никој не води кампања.
Значи многу е тешко да се докаже дали направила разлика. Но, ние најдовме начини да се стори тоа. Нешто што можеме да разгледаме е дали рекламирањето функционира, и една работа што ја знаеме за рекламирањето, бидејќи разговараме за овие интернет портали, е тоа дека можете да се рекламирате колку сакате, но донекаде има намалување на придобивките. Со одреден оглас можете да бомбардирате некого, но на крајот тие ќе сфатат и не мора веќе да трошите пари. И вие исто така можеби го правите тоа малку прерано.
Сакам да го користам примерот со пицата. Ако видам оглас за пица, за Доминос да речеме, или каков било вид на пица на ТВ, можеби ќе посакам пица. Можеби ќе нарачам пица таа ноќ. А, ако видам оглас за компанија за пица, многу ретко ќе помислам, ах, за 60 дена, ќе нарачам пица. И истото се случува во политиката. Доста често доцна носите одлука.
Знаете, луѓето како мене се многу ангажирани во политиката. Јас не сум, не сум обичен на многу начини, но особено во овој пример. Значи, всушност, она за што треба да размислуваме многу повеќе се обичните луѓе и кога рекламираме политики и кога рекламираме пица. Прави разлика кога луѓето размислуваат за тоа што го рекламирате, што најчесто е кога изборите наближуваат. Па дури и пари потрошени 20 дена по почетокот на изборниот период не прават голема разлика.
Другата работа со кампањите што ја знаеме и за што има некои докази е дека влијае на луѓето, е дека традиционалните начини на водење кампањи имаат тенденција да влијаат повеќе кај луѓето. Ако зборувате со нив, ако им дадете леток, овие работи имаат тенденција да бидат малку поефективни отколку само таргетирање со реклами на Фејсбук или нешто слично, затоа што постои тој личен допир и ова е тестирано.
Секако во старите времиња, мислам дека ова не би поминало пред одборот за етика или нешто слично од академски аспект, но, одредени партии беа убедени да имаат кампања во една зграда а не во друга зграда на пример, и тоа во истата област. И открија дека ако правите кампања во една зграда, луѓето од таа зграда излегуваат и гласаат можете да ги натерате да гласаат малку поефективно.
Сепак, големите политички партии имаат тенденција да ги користат социјалните мрежи. Особено во последниот период, да се насочат кон специфична публика, имаат тенденција да ги привлечат или да ги предомислат. Знаеме за скандалите со Кембриџ Аналитика и други кампањи. Значи ова е стратегија која е многу привлечна за политичките партии.
Сем Пауер: Да, апсолутно, тоа е многу привлечно. И она што го гледаме е дека политичките партии сè повеќе користат интернет кампања. На пример, ако го погледнете Обединетото Кралство, навистина повеќе не гледаме политички билборди за време на кампањата.
Имавме избори оваа година. Навистина не видовме какви било билборди.
И ако ја погледнете сумата што се троши за рекламирање, околу 70 до 80% од целиот буџет за рекламирање се троши на интернет. Делумно тоа е затоа што не е дозволено да се трошат пари за реклами на телевизија. Но, многу повеќе од сето останато, се троши за рекламирање на интернет и има добра причина за тоа. Поевтино е. И како што велите, можете да таргетирате ефективно. Ако сакате, можете да размислите која е вашата основна публика. И можете да ја таргетирате таа основна публика, да се обидете да ги натерате и излезат да гласаат. Ако е тоа поевтин и малку повеќе софистициран начин, можете да видите зошто политичките партии избираат да го прават наместо поставување на билборди, што е релативно рудиментиран начин на таргетирање.
Можете да мислите, добро, во оваа област е поверојатно да гласаат за оваа партија, тие повеќе излегоа за нашата партија отколку за друга партија па ќе го ставам билбордот таму, или ќе го ставам на автопат затоа што многу луѓе проаѓаат по тој пат. Тоа е многу рудиментирано во споредба со, знаете, слично рекламирање на Фејсбук. Можете да бидете многу пософистицирани.
Споменавте дека во Обединетото Кралство не е дозволено да се рекламирате на ТВ станици во изборната кампања. Па можете ли да објасните малку подетално како се организираат изборните кампањи во Обединетото Кралство? Кои се главните разлики, на пример, споредено со овде? Мислам, колку што ги знаете деталите.
Сем Пауер: Двете главни или главните разлики што ги имаме во ОК особено во споредба со поголемиот дел од Европа, ние навистина немаме државно финансирање воопшто. Тоа е речиси целосно приватно финансирано. Постојат т.н. блокови на поддржувачи кои имаат тенденција да финансираат конкретни партии. И имаме многу, многу помалку партии кои се доминантни во системот.
Навистина, во ОК имаме две главни партии, Лабуристичката партија и Конзервативната партија. И тогаш имаме многу помали партии нешто што малку се менува. Но, навистина овие две главни партии го добиваат најголемиот дел од нивното финансирање од приватни извори. Имаме мало количество државно финансирање, но тоа е она што би го нарекле индиректно државно финансирање.
Значи многу ретко партиите добиваат пари од страна на државата. Опозициските партии добиваат мал износ, кој главно е обезбеден преку бесплатна испорака на пошта. Така, за време на изборите, Владата плаќа за вас ако доставувате материјал по пошта. И тие исто така ќе ви обезбедат, бидејќи рекламирањето е забрането на ТВ, термин на ТВ. Така на пример, на Би-Би-Си по или непосредно пред вестите, можете да имате пет минути да се претставите. Тоа се т.н. партиско политички емитувања и тоа е тоа, навистина.
Така, во Обединетото Кралство имаме систем што е речиси целосно приватно финансиран, што е многу различно до остатокот од Европа и носи со себе свои предизвици. Главната грижа што ја имаме во ОК е дали овие донации, големи донации купуваат некакво влијание во политиката што се прави за оние луѓе кои донирале средства повеќе од просечните граѓани.
Да се вратиме назад во Северна Македонија. Дали имате какви било препораки за системот овде кога станува збор за финансирање на изборните кампањи, што би можело да се смени? Што може да се подобри?
Сем Пауер: Мислам дека примарната работа за размислување во Северна Македонија прво е околу интернет порталите. И прво и основно, може да изгледа очигледно, но треба да се донесе одлука за тоа кој ги регулира тие интернет портали, затоа што една работа што ја знаеме е тоа дека ако не е регулирано нешто, ќе се појават проблеми таму.
Секогаш сакам да размислувам за парите во политиката како вода. Некако течат неконтролирано, и можете да изградите брани и можете да поставите регулатива но таа ќе тече околу тие брани до местото каде што нема такви. И ова е во многу нешта слично со она што го гледате во секоја земја, па и во Северна Македонија. Многу е веројатно дека ако имате област што е нерегулирана, како интернет порталите, дека таму ќе течат парите. Таму ќе течат парите, или ако сакате ќе има злоупотреби. И тоа е едноставно природно. Значи во таа смисла, ако не е регулирано, тоа е проблем. Некаде треба да се донесе одлука за тоа кој е одговорен за регулирање на овие интернет портали.
Па она за што можеме да размислиме, би рекол, во македонскиот систем е да ја погледнеме формулата за дистрибуција на државното финансирање, повторно, особено што се однесува на интернет порталите и медиумите, која во моментов, споредбено, повеќе е во корист на главните партии и од власта и од опозицијата и не е неопходно правична во однос на кандидатските партии или новите партии да добијат на значење во системот. Она што го сакаме е разновидност во демократијата. Сакаме да им се слушне гласот и на луѓето од малцинствата. И ако државата работи против тоа, има доволно причини повторно да се разгледа на пример, формулата.