Уште еден четиригодишен мандат за владеење на партијата на актуелниот српски претседател Александар Вучиќ. Српската напредна странка (СНС) оствари убедлива победа на вчерашните парламентарни избори во Србија, освојувајќи повеќе од два милиона гласови. Тоа го соопшти доцна синоќа Вучиќ, од седиштето на партијата во Нов Белград. Партијата на Вучиќ победи и на покраинските избори во Војводина, на локалните избори низ Србија, а поради бојкотот на изборите од опозицијата ја освои власта и во белградските општини. Сепак, на изборите излегоа помалку од половина од вкупниот број на гласачи.
Како што пренесуваат српските медиуми, Вучиќ истакна дека е добиена доверба на 63,4 отсто од вкупниот број на гласови, но дека со неважечките ливчиња, Косово и необработените податоци, очекува и 65 отсто.
– Вечерва добивме огромна доверба од народот во услови кога малкумина веруваат во тоа и добивме големо предупредување дека мораме да бидеме уште поодговорни, вредни и дека мораме да направиме најдобри можни резултати за нашиот народ. Победивме на секое место во странство убедливо, во Република Српска добивме 90 отсто од гласовите, а излегоа 87 отсто од гласачите, победивме во Чикаго, Берн, Москва, Сочи, единствено не можеме да кажеме колку освоивме во Косово и Метохија каде што имаше најголема излезеност – изјави Вучиќ.
Зборувајќи за формирањето на нова влада, тој најави дека ќе зема луѓе и од листите кои не го поминаа цензусот и ќе се обиде да изгради влада која ќе има уште поширок консензус.
Според проекциите, СНС на Вучиќ за формирање на новата влада ќе има дури 180 пратенички места од вкупно 250, односно двотретинско мнозиство во парламентот. На второ место според освоени гласови е досегашниот коалициски партнер на СНС, Социјалистичка партија на Ивица Дачиќ, со 10,3 отсто освоени гласови, а трета е партијата на Александар Шапиќ, СПАС, со 3,9 отсто гласови.
Излезноста на изборите била 45 отсто, според државната изборна комисија на Србија. Претседателот на опозициската коалиција, Сојуз за Србија, Драган Ѓилас, која што ги бојкотираше изборите, изјави дека изборите биле лажни и на нив излегле помалку од 50 отсто од гласачите. Особено ниска излезност на избирачите имаше во Белград.
Поранешниот претседател на Србија Борис Тадиќ, претседател на Социјалдемократската партија, не успеа да го помине предвидениот цензус од 3 проценти и да влезе во српското собрание, иако учествуваше на изборите. Тој оцени дека резултатите на парламентарните избори покажале дека Александар Вучиќ го уништил политичкиот живот во Србија. Според Тадиќ, ситуацијата кога една партија освојува 62 отсто од гласовите, друга 10 отсто, или 4,5 отсто, а сите останати партии се под цензусот, не е нормална.
И Српската радикална партија на Воислав Шешељ доживеаа дебакл и не успеаја да го помине цензусот, односно нема да имаат свои пратеници во собранието, исто како и партијата на актерот Сергеј Трифуновиќ.
На изборите своето гласачко право беа во можност да го искористат 6.583.665 граѓани на 8.386 гласачки места, меѓу кои и на 140 места на Косово и во 42 амбасади на Србија. Републичката изборна комисија треба да ги објави официјалните резултати најдоцна за 96 часа од завршувањето на гласањето.
Бојкотирајќи ги изборите, српската опозиција ја изгуби власта и во некои општините во кои досега владееше, оставајќи ја целокупната власт и на локално ниво на Српската напредна странка на Александар Вучиќ.
Извор: МЕТА