Партиските вработувања во комуналните претпријатија како пречка за изградбата на регионалните депонии

Партиските вработувања во комуналните претпријатија како пречка за изградбата на регионалните депонии

Управувањето со отпадот во земјава, особено делот на имплементирањето на законот за отпад, не е имуно на корупција, која ја попречува побрзата реализација на проектот за воспоставување на регионални депонии. Во земјава, и по 17 години од донесувањето на законот, кој е првиот во земјава што е целосно синхронизиран со европското законодавство, сè уште има 54 општински диви депонии на кои на несоодветен начин се допонира комуналниот смет. Во меѓувреме, не е отворена ниту една од планираните регионални депонии. Една од можните причини, како што беше наведено на јавната дебата на тема „Состојбите во животната средина – управување со отпад“, во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата, се партиските вработувања во јавните комунални препријатија.

Билјана Ивановска, претседателката на ДКСК, денеска најави дека ова е само првата од низата дебати кои оваа институција ќе им ја посвети на прашањата од заштитата на за животна средина.

„ДКСК смета дека акутен проблем со кој се соочува секторот животна средина е недоследно имплементирање на законот за отпад во делот за интегрирано и регионално управување со отпад. Ваквата состојба, според проценките од Националната стратегија за борба со корупцијата, е последица на партиски интереси бидејќи со формирањето на регионалните центри за управување со отпад ќе се намалат надлежностите на општинските јавни комунални претпријатија, кои пак се користат во партиски цели, во однос на вработувања“, вели Ивановска.

Неимплементацијата на, на хартија добрите закони, но и неказнивоста на сериозните прекршувања на правилата, ниските казни и немањето судски епилози за ретките процеси против загадувачите, им дава слобода на сите кои ја загрозуваат животната средина во земјава да се чувствуваат комотно и да продолжат без страв во своите незаконски активности.

За експертот Филип Иванов, управувањето со отпадот има голем економски потенцијал, а тоа лесно доведува до корупција.

„Во земјава има селективна примена на законот, иако треба да важи за сите. Од една страна се компании кои се под постојан инспекциски надзор бидејќи имаат А или Б интегрирани или друг тип на дозволи, а од друга страна се компании кои ниту се регистрирани ниту работат со доволи и заради тоа немаат никаков инспекциски надзор“, вели Иванов. Пример за тоа, посочува е скопската депонија „Дрисла“, која е единствена регулирана депонија во земјата и постојано е под инспекција и казни, за разлика од голем број диви депонии што не работат по ниту еден стандард, но не се ни казнувани.

Иванов вели дека еден од мотивите за корупција се и цените за одлагањето на некои видови отпад како индустрискиот и медицинскиот, каде за еден тон треба да се плати и по неколку стотини евра, па создавачите се трудат да ги скријат количините или да ги прикажат како комунален и да платат помалку. Решение, вели е подобрување на мониторингот, кој во реалноста не функционира и постојано следење на движењето на отпадот.

Пакетот нови закони за отпад кои пред два месеци беа донесени во Собранието, за министерот за животна средина, Насер Нуредини, се дел од напорите да се намалат можностите за финансиска корупција во секторот отпад. Предвидени се постороги правила за следењето на отпадот, повисоки глоби и засилена контрола на постапувачите и создавачите на отпад.

„Со новите закони има и построга контрола на компаниите преку задолжителните објави на документите и извештаите. Постапките кои течат за регионалните депонии во неколку региони се транспарентни и без можности за корупција бидејќи средствата се обезбедуваат од меѓународни финансиски институции. Целта е да се насочиме на попаметно и ефикасно и транспарентно управување со отпадот за да се намали можноста за корупција“, вели Нуредини.

Директорот на Инспекторатот за животна средина, Сретен Стојковски уште еднаш ги повтори предизвиците со кои се соочува институцијата во секојдневното функционирање како недостатокот на вработени, ресурси, простор и возила.

Корупцијата постои во секторот животна средина, потврдува и Росица Шалевиќ-Христовска од Државниот завод за ревизија. Таа вели дека системот за управување со отпад во земјава е поставен на многу ниско ниво во споредба со други европски држави

„Ревизијата на ефикасното справување со пластичниот отпад во 2020 година, спроведена истовремено кај нас и во уште неколку европски држави укажува дека, додека во европските држави постои имплементиран систем и се внимава на националните цели и усогласеноста со директивите, кај нас главните прашања се однесуваат на фактите дека немаме систем на селекција на отпадот, нема соодветна преработка, нема контејнери и друга инфраструктура, а општините се занимаваат со прашања како тоа каде во Деталниот урбанистички план да предвидат место за контејнери за селекција“, вели Шалевиќ-Христовска.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Дизелот поевтинува, бензините поскапуваат

Нафтените деривати од вечерва со нови цени, одлучи Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги …