Партиципативното буџетирање – можност граѓаните да одлучуваат за распределба на парите од општинскиот буџет

Пишува: Зоран Милошески

Во организација на FISCAST мрежата, во 10 општини во Македонија во тек е реализацијата на проектот „Мои пари, моја одговорност: Партиципативно буџетирање во општините во Македонија“. Проектот има за цел да ги подобри праксата и учеството на засегнатите страни во процесот на буџетирање на локално ниво, како и да ја зголеми ефикасноста на трошењето на општинските пари.

Од здружението „Иницијативен глас“, кое е член на FISCAST мрежата и е задолжено за имплементација на проектот во општините Прилеп, Крушево и Кривогаштани, појаснуваат дека граѓаните треба да ја сфатат важноста на нивното учество во распределбата на парите од општинскиот буџет, бидејќи тоа директно се рефлектира на состојбата на улиците и патиштата, на квалитетот на комуналните услуги и непреченото водоснабдување, на квалитетното осветлување и изградбата на паркови.

„Буџетското партиципирање има за цел секој граѓанин, лично или преку некоја организација, да учествува и да влијае врз одлуките на општината за начинот на кој ќе бидат распределени парите од буџетот. Ваквото партиципирање значи дека граѓаните активно размислуваат и им укажуваат на локалните власти за приоритетите на заедницата во која живеат, односно на која “адреса“ да ги насочат буџетските средства. Буџетското партиципирање е важно и од друг аспект, бидејќи кога учествувате во планирањето на буџетот и кога го следите неговото спроведување, истовремено им помагате на локалните власт да бидат јавно одговорни, со што придонесувате кон поквалитетен животот во вашата општина“, вели Александар Гаврилоски од „Иницијативен глас“.

Во таа насока се и потпишаните меморандуми за соработка со општините Прилеп, Крушево и Кривогаштани, кои треба да бидат гарант дека проектот ќе ги постигне трите зацртани цели: зголемување на учеството на локалните заинтересирани страни – граѓанското општество, бизнис заедницата и локалните медиуми во процесите на локално буџетирање, зголемување на свеста на локалното население за тоа како трошењето на општинските пари влијае на квалитетот на нивниот живот и зголемување на кредибилитетот и ефикасноста на одлуките на локалните власти во врска со трошењето на јавните пари, но и подигање на свеста за потребата од транспарентност во врска со тоа.

FISCAST мрежата е неформална алијанса, чија визија е транспарентно, одговорно и одржливо трошење на јавните пари за зголемен економски раст.

 

Прочитајте повеќе

Грковска на средба со струмичките средношколци: Интегритетот, чесноста и одговорноста се клучни вредности за градење подобро општество

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска го …