Патриотизмот како последно засолниште на никаквеците

Пишува: Зоран Милошески

„Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен како змија да го полазила. Кога е внатрешно раселено лице. Кога „т’гата“ не е поради отсуство, туку поради присуство. Кога седи среде куќи, а не може да си ја препознае домата“. 

„Приказни од дивиот Исток“, Горан Стефановски

Слушнете го гласот на оние кои заминуваат. Гласот на оние кои со карта во еден правец ја напуштаат Македонија. Колку треба на човек да му дотежне, за да ги спакува куферите и да замине без да се сврти назад?

Не се напушта туку така родната грутка. Не се пречекорува толку лесно прагот на родната куќа, најчесто, за последен пат. Не се оставаат спомените и најмилите без да се пара срцето. Без да застани грутка во грлото. Грутка толку голема, да не пропушти ни солза да се истркала низ грлото.

Скрб е тоа. Тоа, боли душата. На оние кои си одат, уште повеќе на тие кои остануваат. Разделбите, во генот македонски се запишани.

Се уморија луѓето чекајќи го подоброто утре кое никако да дојде. Им збоктисаа неправдите, корупцијата, клиентелизмот, непотизмот, партизираното општество, теснопартиските интереси, внатрепартиските мешетарења, меѓупартиските пазарења, доминацијата на послушните над способните, медиокритетите над креативните.

„Фаќањето“ на емоции и паролите од типот: Дома е најдобро… Родното огниште најтопло грее… Горчлив е лебот во туѓина… не поминуваат повеќе. Ни случајно.

Она, пак, што особено иритира, е играњето на картата на патриотизмот: оној што останувал бил патриот, тој што заминувал – предавник. Зарем?

Браќа и сестри национални неоромантичари, алиас квазипатриоти, тезата ви е анахрона и депласирана!

Уште пред повеќе од два века, англискиот драматичар, есеист и книжевен критичар Семјуел Џонсон, рекол: „Патриотизмот е последното засолниште на никаквеците“. И уште додал: „Тогаш кога ќе се потрошат сите лаги, на ред доаѓа сеењето страв меѓу народот и создавањето остра реторика против непријателот, со цел никаквеците да се претстават како спасители!“.

Веењето знамиња со симболи различни од официјалните, освен највулгарна форма на квазипатриотизам, не е ништо друго туку ставање црн превез на очите на граѓаните. За да не ви ја видат другата рака со која им буричкате во џебовите и бесрамно ги пљачкате.

Сето тоа го видовме, го живеевме и преживеавме. Ама дури ни тоа не е тегот кој натежна на вагата, моментот кога емиграцијата прерасна во евакуација.

Тогаш, господа и другари политичари, кога освен по материјалното посегнавте и по гордоста, честа и достоинството на простосмртниците, ширум ја отворивте излезната врата од државата!

Новите генерации Македонци, Албанци, Турци… оние кои со еден клик на тастатурата можат да го видат светот на дланка, преку тоа не сакаат и нема да преминат.

Зошто уште би чекале Македонија да влезе во Европа, кога самите можат да го направат тоа? Зошто до недоглед би ја продолжувале агонијата, кога клучот на животот е во нивни раце?

Право, правда, ред, поредок, силни институции… држава со сите атрибути и салтанати. Тоа е она коешто младите и образованите би ги задржало тука, во татковината.

Дотогаш, додека не осамне и тој ден, во градовите и селата ќе чади секој трет оџак, а во училиштата ќе има повеќе наставници од ученици.

Оти младите не сакаат да го сонуваат животот, туку да го живеат сонот. Ако тоа не можат да го направат дома, ќе го остварат некаде во јабана.

Бидејќи, домот е таму кај што е срцето!

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …