јавен превоз кинески автобуси

Патувањето до факултет им е скапо на студентите, немаат никаков попуст на билетите за меѓуградски превоз

Картичката „Youth Mobility Pass“ предложена од група студенти треба да важи за сите редовни студенти запишани на акредитирани универзитети, кои се невработени

Студентите во Северна Македонија трошат големи суми на пари за меѓуградски превоз. Бидејќи повеќе универзитети се наоѓаат во Скопје и Тетово, цените на билетите за автобуски превоз до овие градови се високи, особено ако треба да патувате секоја недела. И додека во земјите на Европската унија студентите се целосно или делумно ослободени од плаќање на билетите за превоз, студентите во Северна Македонија плаќаат иста сума како и сите останати патници. Група студенти презедоа иницијатива да го променат ова –  имаат за цел да воведат „Студенска картичка“, пишува Порталб.мк.

Ениса живее во Тетово, а моментално студира во Скопје на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. За Порталб, таа вели дека неделните трошоци за превоз се многу високи.

„Јас сум студентка, плаќам ист автобуски билет како тие што имаат приходи на крајот на месецот и во Скопје одат на работа, тоа не е нормално. Да, многу ми е скапо бидејќи морам да патувам речиси секој ден во неделата“, вели Ениса.

Ениса додава дека овие пари би можела да ги искористи за нешто покорисно за нејзините студии, на пример, за да купи книги и други потребни материјали.

„Поради таквите трошоци кои постојано се зголемуваат, книгите и училишните материјали почнаа да ми изгледаат како нешто луксузно, се ограничувам бидејќи нема да можам да си ги дозволам, иако понекогаш тие материјали ми се многу потребни“, вели таа.

Цените на билетите се многу високи

Цените на билетите за меѓуградски превоз пораснаа за време на пандемијата поради поскапувањето на горивата, но, иако цените на нафтените деривати сега значително се намалени, цените на автобуските билети останаа исти.

Компаниите кои го организираат ваквиот превоз не сакаа јавно да се изјаснат, но неофицијално за новинарот на Порталб велат дека не планираат да ги намалат цените на автобуските билети.

„Не, не ни помислуваме, особено што цените на горивата не се стабилни, а и ги зголемивме платите на вработените, работиме и во недела, сето тоа се трошоци“, вели сопственикот на една од фирмите.

Порталб објави инфографик на кој се прикажани актуелните цени во неколку општини:

Извор: Автобуски станици од гореспоменатите градови
Извор: Автобуски станици од гореспоменатите градови

Слични се цените за превоз и кон другите градови во државата. Јавните институции, пак, немаат право да интервенираат во цените на приватните компании.

Најголем дел од студентите не живеат во градовите каде што студираат

Во учебната 2023/2024 година на универзитетите на Република Северна Македонија се запишани вкупно 52.316 студенти. Универзитет со најмногу студенти – вкупно 25.700, е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а од нив 11.812 студенти не се од Скопје, туку доаѓаат од други места.

Според ова, најголемиот дел од студентите кои студираат во Скопје потекнуваат од други градови и не сите престојуваат во студентските домови поради условите, а и поради ограничените капацитети.

Податоците ги обезбедивме од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Во Тетово има два универзитета – Државниот универзитет во Тетово и Универзитетот на Југоисточна Европа. И во овие случаи најголем дел од студентите доаѓаат од други градови во Северна Македонија.

Се правдаат и универзитетите – за Порталб велат дека не се надлежни за да интервенираат во цените на автобуските билети на приватните компании.

За ова да се имплементираат практиките на земјите од ЕУ

Хана Емерлаху, Едина Елези, Фјола Далипи, Ненад Димчевски, Софија Радончиќ и Данче Николова презедоа иницијатива чија крајна цел е составување на документ преку кој ќе се предложат конкретни решенија за овој проблем и ќе се достават до државните институции.

Порталб разговараше со Хана, една од иницијаторите, која објасни дека „студентската картичка“ што имаат намера да ја воведат како практика, на студентите ќе им овозможи попуст од 40 проценти на месечните и дневните билети.

На пример, ако актуелно месечниот билет Скопје-Тетово и обратно е 5.500 денари, со „студентската картичка“ автоматски ќе чини 3.300 денари.

„Ја покренавме оваа иницијатива бидејќи цените на автобуските билети се многу високи за студентите кои патуваат секојдневно, но и за оние кои треба да патуваат најмалку три пати неделно. Бидејќи превозот не е единствениот трошок што го имаат студентите, решивме да се заложиме за намалување на некој трошок, сметаме дека тоа ќе влијае на подобрување на студентскиот живот во Северна Македонија. Трошоците за овие работи треба да бидат последната грижа на студентите“ изјави Емерлаху.

„За дневните и месечните билети студентите плаќаат исто како и сите други, што воопшто не е фер, затоа ќе ја претставиме нашата идеја пред надлежните институции, која не е ништо ново, туку нешто што се применува во развиените земји, во оние на Европската Унија, и бидејќи и ние целиме да станеме дел од оваа заедница, тогаш да почнеме со применување на нивните добри практики“, додава таа.

Хана и нејзините колеги очекуваат дека нивното барање ќе се земе предвид, особено сега кога се подготвува Законот за високо образование.

„Наше е барањата да ги доставиме до соодветните институции. Независно што на крајот од нив зависи дали ќе го земат предвид, бараме овој предлог да биде прифатен бидејќи е во корист на студентите и кој во голема мера ќе им ја олесни финансиската состојба. Ова е прашање што има влијание врз нивното образование и благосостојба“, вели Хана.

Што точно предлагаат овие студенти?

Картичката „Youth Mobility Pass“ предложена од овие студенти ќе важи за сите студенти запишани на акредитирани универзитети, кои се невработени и се редовни студенти.

Тие предлагаат заинтересираните студенти да се пријавуваат за ова онлајн, на „е-услуги“, а апликациите да ги оценува комисија при Министерството за образование и наука. Потоа, автобуските компании ќе треба да постават уреди со кои ќе можат да ја скенираат студентската картичка.

Веднаш по скенирањето на картичката, на студентите ќе им се нуди попуст од 40 до 45 проценти по билет, било да е тоа дневен или месечен билет. Тие бараат Министерството за образование и наука во соработка со Министерството за транспорт да го надгледува спроведувањето и одржувањето на системот за студентски картички.

За да се поедностави сето ова, овие студенти предлагаат да се создаде апликација „Студентска картичка“ до која ќе имаат пристап сите студенти корисници на картичката, во оваа апликација ќе можат да вршат плаќање, да имаат преглед на распоредите на автобусите и друго.

Според нивните пресметки, успешното спроведување на оваа студентска картичка би ја чинело државата меѓу 520 милиони и 600 милиони денари годишно, ако нејзини корисници би биле во просек по 15 илјади студенти.

Развиените земји им помагаат на студентите

Франција, на пример, применува картичка „TER youth pass“, која на студентите им нуди попусти за превоз со воз, регионално и меѓуградско патување. Оваа картичка е достапна за млади луѓе на возраст од 12 до 27 години и нуди попусти до 50% на железничките услуги.

Во Норвешка се применува „Nor-Way Bussekspress“ кој нуди попусти за меѓуградски патувања за млади луѓе кои редовно патуваат поради образовни или професионални причини. Младите на возраст од 16 до 29 години со оваа картичка добиваат попуст од 25 до 50 проценти.

Швајцарија применува „Swiss Travel Pass“ за млади луѓе кои патуваат со воз и автобус кон различни градови. Со оваа картичка младите од 16 до 25 години добиваат попуст до 30 отсто.

Инаку, според истражување на Форумот за образовни промени, до завршување на студиите во Северна Македонија, студентите трошат во просек по 11.309 евра.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Уште една акција од 15 минути молк за 15 жртви во Нови Сад

Уште една акција од 15 минути молк за 15 жртви во Нови Сад

Во повеќе градови во Србија во неделата беше одржан 15-минутен молк за 15-те жртви од …