Пазарот со правдата боли повеќе од неправдата

Пазарот со правдата боли повеќе од неправдата

Пишува: Сотир Габелоски

Пред само неколку години, на денот на Христовото воскресение со полициска придружба се упатив дома, за да се заштитам од физичките напади на сегашен член на највисокото тело на ВМРО ДПМНЕ, сопруг на една поранешна пратеничка од оваа партија. Денес во тек се преговори за законот за СЈО, за кои не знаеме што ќе донесат и каков пазар ќе произлезе од нив.

ДПМНЕ беше и остана симбол за насилство кое, во периодот на нивното владеење, го доживувавме насекаде низ државава. Она што од уста не го вади нивната кандидатка за Претседател на државата, е непознато за нив. Тоа е само збор кој нема значење, збор кој испари од македонскиот речник во периодот од 2006 до 2016 година.

Мотото на Гордана Сиљановска Давкова „Правда за Македонија“, не е ништо друго освен потценување на граѓаните и поигрување со нивните чувства. Или пак, зборува за амнезија на кандидатката Сиљановска за времето во кое и јас, и таа, и милион и којзнае колку граѓани на оваа држава живеевме – времето на ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски.

Но, точно е. На Македонија и’ треба правда. На Македонија очајно и’ треба да запре пазарењето околу правдата и сите оние што застанале зад мотото, макар и од далечната Будимпешта, да се соочат со правдата во еден од македонските судови. „Правото и правдата за Македонија“ не може да бидат донесени од истите оние кои практикуваа неправда и кои докторираа на неодговарање за извршените злодела.

Сакам да верувам дека пазарењето околу правдата запре со амнестијата на пратениците учесници во упадот на Собранието од 2017 година. Сакам да верувам дека после тоа престанале сите разговори за понатамошни бегства од правдата. Но, тешко е таа верба да опстане кога пред нас се сервира уште еден потенцијален пазар кој ќе биде преточен во нов Закон за СЈО.

Овој Велигден беше мирен за мене, а верувам и за поголем дел од верниците. Државата во многу аспекти се менува. Бавно, но се менува. Денес, во екот на изборната кампања имаме релаксирана состојба на државата и граѓанството, притисоците врз гласачите речиси и да ги нема. За жал, се’ уште имаме говор на омраза, национализам и обиди за поделби.

Сепак, денес, желбата за правда не е помала од тогаш. Денес, чезнееме по одговорност за сето зло кое ни беше нанесено и затоа не можеме, не смееме да се пазариме со оние кои ги доведоа нашите животи на работ. Затоа, пазарењето со правдата уште повеќе боли.

Прочитајте повеќе

Кривична пријава од СДСМ Прилеп за Јовчески

СДСМ Прилеп: Кривична пријава за градоначалникот Јовчески заради незаконски потпишан анекс на Договор за јавна набавка

Прес-конференција на Моника Грашеска Илиеска, координатор на советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот …