Пендаровски: Берлинскиот процес не е замена за полноправно членство во ЕУ туку инструмент за побрзо приклучување на државите од Западен Балкан

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференцијата „Берлински процес 2022 – Интензивирана соработка: Обновениот Берлински процес и иднината на регионалната соработка во Југоисточна Европа“, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, во соработка со Амбасадата на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија.
Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.
Почитувани учесници на конференцијата,
Ми претставува особено задоволство да се обратам на меѓународната конференција посветена на Берлинскиот процес, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Канцеларија во Скопје и Амбасадата на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија. Задоволството е дотолку поголемо бидејќи оваа конференција се случува после многу важната и продуктивна средба во Берлин на претставниците на шесте држави од западниот Балкан, учеснички во Берлинскиот процес, а во организација на германската влада и со учество на највисоките претставници на Европската Унија. Со оваа средба, после неколкугодишна пасивност, повторно заживува Берлинскиот процес, кој беше инициран во 2014-та, од тогашната канцеларка на СР Германија, госпоѓата Ангела Меркел.
Пасивизирањето на Берлинскиот процес се совпадна со почетокот на здравствената криза, предизвикана од пандемијата на почетокот на 2020 година. Оттогаш, па се до крајот на оваа 2022 година се случија тектонски промени во Европа и во светот што имаат директно влијание и врз нашиот регион. Без претерување можам да кажам дека денес, после скоро три години, на геополитички план се соочуваме со комплетно различна ситуација, но, и со драстично променети внатрешни околности во државите-членки на Европската Унија и кај државите од нашиот регион. Новиот контекст налага да се осмисли и спроведе еден иновиран пристап како кон европската интеграција на Северна Македонија и целиот регионот, така и кон интра-регионалната соработка.
Сега дозволете да се осврнам на настанатите промени и идните насоки  кои сметам дека треба да ги следиме во рамките на Берлинскиот процес. Како што е познато, иницијативата за овој процес се појави во 2013 година, а се реализираше една година подоцна, кога на симболичен начин се сакаше да се одбележи стогодишнината од почетокот на Првата светска војна, која започна токму на Балканот, со атентатот врз австрискиот надвојвода Франц Фердинанд во Сараево. После тој настан следеа првата, потоа и втората глобална војна, а Балканот беше и остана синоним за поделби, конфликти и воопшто, извор на проблеми.
Берлинскиот процес беше замислен да претставува симболично помирување и менување на ваквата перцепција за Балканот, преку трасирање на неговата иднина кон целосна европска интеграција, во кругот на држави и народи кои живеат во стабилни и уредени општества, економски и социјални просперитетни, со функционални правни системи и интензивна меѓусебна соработка. Во тој период дури постоеше и амбиција, барем дел од државите во регионот, да станат членки на Европската Унија до 2025 година, цел која денес, повеќе од сигурно е недостижна за  било која од шесте држави во нашиот регион.
Глобалната здравствена криза предизвикана од пандемијата не само што ја тестираше подготвеноста на државите да менаџираат големи кризи, туку, ја тестираше и европската солидарност и во тие рамки, односот на државите од Европската Унија кон државите од регионот. Бавниот процес на дистрибуција на вакцините за државите од нашиот регион во пролетта 2021 година, но и претходното неснаоѓање во односите со јавноста во врска со дистрибуцијата на неопходниот медицински материјал, создадоа перцепција кај граѓаните дека Европската Унија е отсутна и преокупирана самата со себе и во тешки моменти.
Тој вакуум, иако релативно краток, беше искористен за пропагандни активности на малигни актери, надвор од Балканот, кои се против интеграцијата на регионот во западните воено-политички и економски сојузи. Иако од лесно ветената брзина за испорака на вакцини, од нивна страна, на крајот, не излезе ништо, дури и за количините кои авансно ги плативме, сепак, негативниот впечаток за односот на Брисел кон регионот остана широко присутен меѓу граѓаните. Дел од проблемот е, реков и лошото комуницирање со јавноста, за што и ние имаме дел од одговорноста, но, на крајот на денот, не можеме да го негираме фактот дека граѓаните очекуваа многу повеќе и побрзо од нашите сојузници, отколку од државите познати по практикувањето на недемократски модели на однесување.
На 24 февруари оваа година Руската Федерација без никаков повод со измислени тврдења за наводен геноцид започна класична агресија врз друга суверена држава со што ги прекрши основните принципи на повоениот меѓународен правен и политички поредок. Оваа брутална агресија на најочигледен, но, истовремено, и на најлош можен начин ни покажа дека војната на тлото на Европа не само што е возможна, туку и дека идеите за поделба на Европа на сфери на влијание, илегална анексија на територија, насилно преместување на луѓе, убиства на цивили и други воени злосторства се повторно меѓу нас, иако сме во третата деценија на 21-от век. Од друга страна, оваа војна не потсети и на клучната, инаку, сосема заборавена димензија и цел на концептот наречен, Обединета Европа, а тоа е преку интеграција да се обезбеди мирот на континетот.
Почитувани,
Нашиот регион објективно изгуби години и години во процесот на европската интеграција. Во 2019 година, почетокот на преговорите за нас и за Албанија беше одложен поради, во последен момент, најавената идеја за нова методологија за пристапните преговори. Кога таа беше усвоена, во почетокот на 2020 година, започна штетната блокада кон нас од страна на Бугарија, што индиректно се одрази и врз Албанија. Сосема легитимното барање за добри меѓусоседски односи беше унилатерално заменето со инсистирање на историски и идентитетски прашања како наводен преуслов за почеток на преговорите. Иако, со помош на француското претседателство и нашите пријатели од ЕУ, беше најден компромис што овозможи надминување на блокадата, сепак, направените штети врз меѓусебната доверба меѓу народите, но, и кон атрактивноста на моделот на Европската Унија беа големи. Најдобар доказ за тоа е растечкиот евроскептицизам што се потврдува во сите истражувања на јавното мислење.
Исто така и досегашното искуство на Србија и Црна Гора воопшто не помага во оваа смисла. Имено двете држави преговараат безмалку цела деценија и се уште не се ниту на половина од преговорите. Босна и Херцеговина со години се бори за кандидатски статус, а Косово за визна либерализација. Целокупната оваа состојба сигурно не го зголемува нашиот ентузијазам и тоа токму во периодот кога конечно ги отворивме преговорите.
Почитувани,
Во вакви околности, повторното актуелизирање на Берлинскиот процес со нова програма за работа е одлична вест. Потпишаните три договори за минување на границите меѓу нашите држави со лични карти, за признавање на високообразовните и на професионалните квалификации на докторите по медицина и стоматологија, како и на архитектите, се голем чекор напред кон создавањето на заеднички регионален пазар. Не гледам ниту една причина овие договори да не бидат брзо ратификувани во националните парламенти за да може да влезат во сила, а потоа и да се имплементираат така како што се замислени, во интерес на граѓаните од целиот регион.
Најавената поддршка за справување со енергетската криза за нашите држави од претседателката на Европската комисија во вредност од една милијарда евра е, исто така, израз на европската солидарност и чекор кон враќање на довербата кај големото мнозинство граѓани во вредностите на европската интеграција.
Многупати сум ги кажувал стратешките и структурни предности на Берлинскиот процес во однос на другите форми на регионална соработка. Од ова место би сакал накусо да ги повторам. Прво, во Берлинскиот процес учествуваат сите шест држави од западен Балкан со што се постигнува вистинска инклузија и се избегнува можноста некој да биде маргинализиран или изолиран од процесот. Второ, Берлинскиот процес е заедничка иницијатива на државите членки на Европската Унија и државите од западниот Балкан што е многу значајно во поглед на одговорноста за неговото функционирање бидејќи врз неговата активност постои мониторинг од аспект на примената на европските стандарди и правила. И конечно, но најважно, Берлинскиот процес не е замена за полноправно членство во Европската Унија, туку, инструмент за побрзо приклучување на сите шест држави од Западниот Балкан во Европската Унија.

Мислам дека денешното ваше присуство со коспонзорство на канцеларијата на „Фридрих Еберт“ и на германската амбасада, како и неодамна завршената посета на германскиот претседател Штајнмајер на Република Северна Македонија јасно го покажуваат новопронајдениот интерес и ентузијазам и на страна на Европската Унија, не само на Германија, и на страната на Република Северна Македонија да продолжиме по тој пат, бидејќи регионалните иницијативи од овој тип, заради своите референтни точки од минатото и заради најновите планови кои беа презентирани пред неполни два месеци, потврдуваат дека тоа е најбрзиот начин да ги собереме сите шест држави од Западниот Балкан зад истата кауза – што побрза интеграција во Европската Унија.

Денеска очекувам плодна дискусија и корисни и практични препораки од ваша страна за овој процес, овој заеднички потфат во кој сме сите заедно да го направиме побрз, поефикасен, во интерес на сите нас, кој живееме не само Северна Македонија, туку и во целиот регион на Западен Балкан.

Прочитајте повеќе

Избори во Русија: Путин се велича и се колне во единство

Резултатот е очекуван: Владимир Путин шест натамошни години ќе остане на чело на земјата. Вистинска …