Пендаровски: Лажните вести стануваат една од приоритетните закани за националната безбедност

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска присуствуваше и се обрати на првиот конститутивен состанок на Акциската група за координација на институциите на државата за борба против дезинформации и напади на демократијата, на иницијатива на Владата на Република Северна Македонија.

Претседателот Пендаровски истакна дека акцискиот план за борба против дезинформациите ќе биде успешен само доколку сите чинители заеднички се насочат кон истата цел.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски:

Ви благодарам за поканата и за можноста да се обратам на денешниот настан со кој започнува работата на Акциската група за координација на институциите на државата за борба против дезинформациите, која е на иницијатива на Владата на Република Северна Македонија.

Преку овој процес, ние се приклучуваме кон иницијативите кои веќе се имплементираат во десетина од најразвиените држави во светот, на тој начин, преземајќи одговорност за јакнењето на нивната внатрешна демократија, но, и на демократијата во глобални рамки.

Иницијативи од овој тип преземаат не само владите и државните институции, туку и големите медиумски куќи, технолошките гиганти и граѓанските организации кои знаат дека борбата со дезинформациите ја поттикнува медиумската писменост и безбедната употреба на интернетот, но, исто така знаат дека тоа, пред се, значи и преземање на сериозна општествена одговорност за нашата заедничка иднина.

Благодарение на дигитализацијата и на технолошкиот развој, денес живееме во ера кога со еден клик ни се достапни илјадници вести за најразлични теми и кога можеме да ги следиме случувањата и во најодалечените места на планетата во реално време.

Меѓутоа, како консументи на огромниот број медиумски информации кои брзо пристигнуваат, често немаме можност да направиме разлика дали тоа што е пред нас е вест која ги следи новинарските стандарди и дали е проверена информација, заснована на факти, која му служи на јавниот интерес или, пак, е производ на пропаганда, со цел да ја дезинформира јавноста.  

Од вести кои се однесуваат на естрадата, медицината, научните пронајдоци, па сè до влијанието врз изборни процеси, дезинформациите се појавуваат на било кој канал за комуникација и веднаш стануваат актуелни во разговорите во нашите семејства, на работните места, во училиштата, но, најмногу во виртуелниот свет на социјалните мрежи.

Во изминатите години го видовме потенцијалот на лажните вести да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси и кај нас и во светот. Лажните вести полека, но сигурно стануваат една од приоритетните закани за националната безбедност на многу држави заради нивниот капацитет да ја изобличуваат вистината и да ги поткопуваат вредностите на демократијата како политички систем.

Почитувани,

Справувањето со кампањите за дезинформирање и со лажните вести нема да се случи преку ноќ и само со усвојување на акциски план и формирање на работна група. Тоа е процес што бара постојани напори и соработка од сите државни институции, од медиумите, од граѓанскиот сектор, како и од системот на образование, со цел, заеднички да придонесеме за промени на подобро. Во таа насока ја поддржувам и оваа и секоја друга иницијатива која на една маса ќе ги седне и државните институции и медиумите затоа што борбата со лажните вести не може да биде добиена без вклучување на медиумската заедница. Медиумите се столбот на една демократија. Општество во кое нема силни медиуми и квалитетни медиумски производи е општество во кое демократијата не може да се развива.

Да бидам уште попрецизен и да го проширам концептот за кој денес зборуваме  –  овој акциски план за борба против дезинформациите ќе биде успешен само доколку сите чинители се заедно насочени кон истата цел, кога велам сите, мислам на политичките субјекти, на државните институции, медиумите, новинарските еснафски здруженија, граѓанските организации, академските институции, и сите граѓани кои треба да бидат вклучени во еден отворен процес преку поднесување иницијативи уште пред финализирање на документот.

Мојот Кабинет и јас лично сме отворени за соработка со сите институции и поединци од земјава и од странство кои сакаат преку заеднички напори да ги дефинираме најдобрите практики, со цел да придонесеме за намалување на ширењето на дезинформациите, а со тоа и на нападите врз демократијата. Убеден сум дека додадена вредност на оваа иницијатива е што при справувањето со дезинформациите ќе ги споделуваме искуствата со нашите стратешки сојузници и ќе учиме едни од други.

Да заклучам, на дезинформациите треба да одговориме со поголема транспарентност. Институции со интегритет комуницираат со јавноста со навремени, јасни и прецизни информации и помагаат да се создаде опкружување во кое образовниот процес инвестира во нови генерации млади луѓе со развиени аналитички вештини, а медиумите помагаат јавноста да формира критичка свест. Тоа е единствената насока која води кон отворено општество кое мисли за својата иднина. Медиумската писменост и справувањето со дезинформациите се одлична инвестиција за развој на општество на слободни граѓани кое верувам дека е нашата заедничка и крајна цел. 

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …