Пендаровски: Време е за граѓанско помирување

Пендаровски: Време е за граѓанско помирување

Време е да ги залечиме отворени рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување затоа што немаме резервна татковина, рече новиот претседател Стево Пендаровски во инаугуративниот говор.

Граѓанското помирување ќе биде еден од главните приоритети на новиот претседател Стево Пендаровски. Во неговиот прв говор пред Собранието по положувањето на свечената заклетва, тој рече дека ќе биде претседател на сите граѓани. Речиси и да нема држава во Европа која е толку мала, а има толку поделби, особено политички, рече Пендаровски.

„Време е да ги залечиме отворени рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување затоа што немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, не водејќи сметка за својот политички рејтинг“, рече Пендаровски.

Тој рече дека ќе подаде рака за соработка кон опозицијата, и оти има обврска да ги штити правата и статусот на политичкото малцинство од евентуалното самоволие на мнозинството.

Новиот претседател смета дека во наредниот период има два приоритети од кои зависи иднината на државата – едниот е економскиот развој, а другиот е нулта толеранција за корупција, криминал и непотизам.

Тој рече дека е потребно помирување зашто енергијата и потенцијалот на општеството треба да се обединат околу стратешките интереси на земјата, како што се евроатлантските интеграции во кои ќе инсистира да бидат вклучени најголемите умови во земјата.

Добрите меѓуетнички односи и Рамковниот договор се столб на внатрешната стабилност на земјата, рече тој и ја посочи неопходноста од одлични односи со сите пет соседи и регионалната соработка. Како позитивен пример ги посочи договорите со Бугарија и со Грција.

Пендаровски најави поддршка за граѓанскиот сектор и креирање амбиент за слободна работа на медиуми, соработка со власта и опозицијата во промоцијата на старешини во АРМ и во реформата на безбедносните служби.

На свечената инаугурација во Собранието не присуствуваше премиерот Зоран Заев, кој е на одмор, и исправи видео честитка, а лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски не бил поканет на свеченоста.

На инаугурацијата присуствуваа досегашниот претседател Ѓорге Иванов и претходниот шеф на државата Бранко Црвенковски, сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски, Вилма, првите луѓе на највисоките институции на државата, како и гости од странство.

Тука беа претседателите на Албанија, Бугарија, Србија и на Косово, Илир Мета, Румен Радев, Хашим Тачи и Александар Вучиќ. На свеченоста присуствуваа и министрите за надворешни работи на Црна Гора и Грција, Срѓан Дармановиќ и Јоргос Катругалос, како и заменици министри за надворешни работи од Турција и Полска и висок претставник на кабинетот на претседателот на Словенија.

Извор: Радио Слободна Европа

Целиот текст ТУКА

Прочитајте повеќе

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

ДИК: Без проблеми тече гласањето во казнено-поправните установи

На гласачките места во 14 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да …