Пендрекот на Црна сабота

Пендрекот на Црна сабота

Пишува: Зоран Милошески

Во сета своја несовршеност, Југославија беше држава со сите атрибути: војска, полиција, респектабилно образование, бесплатно здравство, врвен спорт, солиден стандард, отворени граници, скапоцен пасош, море…наше море! Ги имаше Вардар и Триглав, Звезда и Партизан, Југопластика и Локомотива, Мура и Каменско, Трепча и Саса, Фиат и Фиќо, Цавтат и Пореч, Дунав и Сава, Башчаршија и Калемегдан,  Дугме и Ваљак, Мирко и Славко… И во таа и таква Југославија, добро се живееше. Многу подобро од денес.

Името не му го памтам, ама прекарот му беше Црна сабота. И така, чинам, го знаеја сите прилепчани. А поинаку и не можеше да биде, оти ако си прилепчанец а немаш прекар, тогаш – не си прилепчанец. Она што е важно да се спомене, е дека Црна сабота беше полицаец. Или поточно, милицаец. Во колективната меморија на прилепчани ќе остане запаметен како строг милицаец, со страшен поглед и тешка рака. Се велеше, ако ти мавни Црна сабота шамар или тупаница, недај боже и двете едноподруго, “попо биол че ти се види“!

Некаде во осумдесеттите, во сала „Македонија“ се одржуваше концерт на Бијело Дугме. Народ – плева! Мислиш, цел Прилеп се построил на ред за да ги види и чуе Брега и Бебек. И во целата таа гужва, тинејџерската логика велеше оти не вреди да се чека уште дваесетина минути во редот, туку, тивко и на прсти, ќе се “шмугниме“ покрај возрасните и за час ќе стигнеме пред влезот. Не сме будали да чекаме!? Што на ум, тоа на друм!

Цврсто стегајќи ја картата во рака, заобиколувајќи ги посилните и поттурнувајќи ги послабите од себе, дури да речеш “кекс“, ете нѐ само на чекор од влезот во, за нас во тој момент, рајот. Одбројувајќи ги последните секунди од средбата со југословенските музички ѕвезди, со мислите веќе на паркетот пред големата бина и особено горд на својата мудрост што го насамарив светот, во реалноста ме врати едно придушено – “туп“! Првото нешто кое потоа го видов, беа громовите и секавиците од очите на Црна сабота, па ѕвездите кои ми се појавија пред очи, а дури на крајот до израз дојде болката од милицискиот пендрек кој заврши на мојот грб.

Не знам што ме здоболи повеќе: пендрекот или срамот, ама знам дека и јас и другарите како попчиња се вративме назад. Не на местото од каде тргнавме во акција, ами најназад, на опашката на колоната.

Подоцна, во годините што следеа, присуствував на уште десетици и десетици концерти и фестивали, но до ден денешен, пендрекот на Црна сабота остана единствената “блиска средба“ со претставниците на законот.

Денес веќе ништо не е исто како тогаш: ниту државата, ниту концертите, најмалку полицајците. Читајќи ја веста како силеџијата од ДУИ ја нападнал службеничката на МВР, пробав да ја замислам ситуација во која на местото на полицајката Јасмина Јаначковска, би бил милицаецот Црна сабота…

Дека арогантното партиско функционерче побрзо ќе посакаше “пајакот“ да го изгази отколку да “помини“ низ рацете на прилепскиот милицаец, немам дилема. Меѓутоа, она во што сум уште повеќе сигурен, е дека до ситуација како завчерашната ни случајно немаше да дојде. Оти милицијата некогаш беше закон! Оти изборот на милицајците се вршеше според точно прецизирани критериуми! Оти за разлика од некогашните “карпи“ од луѓе, на половината од денешните полицајци пендрекот им се влече по земја.

Меѓу тоа некогаш и ова сега, нема споредба. По ниедна основа. Ништо не е исто, ниту некогаш ќе биде. Дека однесувањето на разгалените и збеснати партиски функционерчиња од вториот, третиот и сите пониски ешалони за брзо ќе се смени – нема да се смени. Оттаму, за да не добијат на масовност случаите на “самоповредување“ на чуварите на редот и мирот, останува да проработи нивната свест, доблест и желба за заштита на личниот дигнитет и угледот на професијата. Убеден сум дека Црна сабота ќе знаеше како тоа да го направи!

 

Прочитајте повеќе

Кривична пријава од СДСМ Прилеп за Јовчески

СДСМ Прилеп: Кривична пријава за градоначалникот Јовчески заради незаконски потпишан анекс на Договор за јавна набавка

Прес-конференција на Моника Грашеска Илиеска, координатор на советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот …