Пензиските реформи отворија дилема: ќе работиме ли подолго?

Пензиските реформи отворија дилема: ќе работиме ли подолго?

Пензискиот систем повторно ја отвори дебатата за неговата долгорочна одржливост откако Фискалниот советпредупреди на растечкиот дефицит во системот и предложи пакет реформи за негово стабилизирање. Но, премиерот Христијан Мицкоски уверува дека пензискиот систем во земјата е стабилен и дека во моментов нема потреба од мерки како зголемување на старосната граница за пензионирање или повисоки придонеси за пензиско осигурување.

Одговарајќи на новинарски прашања во Скопје, Мицкоски порача дека Владата внимателно ги следи состојбите, но не гледа причина за грижа кај пензионерите.

„Во моментот имаме стабилен пензиски систем и во таа насока ќе продолжиме и во иднина. Не треба апсолутно никој да се грижи. Владата и јас лично цениме дека состојбата е апсолутно стабилна и сигурна и не треба да се грижат пензионерите“, изјави Мицкоски.

На прашањето дали Владата размислува за постепено зголемување на старосната граница за пензионирање, премиерот кратко одговори: „Барем засега не.“

Според анализата на Фискалниот совет, кусокот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување достигнал 54,4 милијарди денари, односно 5,2 отсто од БДП. Како можни решенија се предлагаат зголемување на придонесите за пензиско осигурување од 18,8 на 20 проценти, зголемување на старосната граница за пензионирање за една година, подолго доброволно останување во работен однос, повисока минимална пензија и напуштање на ад-хок зголемувањата на пензиите.

Владата ќе ги анализира сите препораки

Мицкоски рече дека Владата ги разгледува сите препораки и анализи што доаѓаат од домашни и меѓународни институции, но дека конечните политики се носат врз основа на сопствени проценки. Тој посочи дека институциите се стабилизираат преку реформи и контроли во повеќе области, при што, според него, се намалуваат злоупотребите и се рационализира трошењето на јавните средства.

Според него, во моментов во земјава има околу 709 илјади вработени и оти за оптимален економски развој се потребни околу 800 илјади. „Затоа го сменивме Законот за работни односи и овозможивме секој кој се чувствува работно способен да може својот работен век да го продолжи до своите 67, 68, дури во одредени области и до 70 години. Нормално, ако се обновува договорот со работодавачот секоја година“, рече Мицкоски.

Трендот со недостиг на работна сила, според него, е тренд секаде во Европа и светот.

„Сега сè уште имаме одреден резервоар којшто е од минатото. Но, по 15-20 години од сега, тогаш ќе бидат алармантни состојбите. Во моментот на пазарот на труд имаме 709 илјади регистрирани вработени. Ние не смееме да бидеме под бројка од 800 илјади ако сакаме да имаме добар економски раст, односно позитивен економски раст од пет или повеќе од пет проценти“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека треба да се најдат нови 90.000 вработени коишто ќе создаваат доход за работодавачите. „Се плашам дека бројката на вработени, според проекциите за 15-20 години од денеска, може да падне под 500.000. Тогаш ќе настанат вистинските проблеми и за пензискиот систем, и за здравствениот, и за државата и целокупно за економијата“, нагласи премиерот.

Граѓани во ПИОМ
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека засега нема промени во пензискиот систем Фотографија: DW/ P. Stojanovski

СДСМ: Дефицитот во ПИОМ е резултат на политиките на Владата

На ставовите на Владата реагираше и опозицискиот СДСМ.Потпретседателката на партијата, Јована Тренчевска, обвини дека состојбата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување се влошува и покрај преземените мерки.

„Дупката во Пензискиот фонд ја зголемија на историски една милијарда евра, над 14 отсто од целиот државен буџет. Иако од 1 јули придонесот за ПИОМ е зголемен за еден процентен поен, преку пренасочување на средствата што одеа во Агенцијата за вработување, дефицитот продолжува да расте“, изјави Тренчевска на прес-конференција.

Таа се повика и на последните анализи на Фискалниот совет, за кои рече дека укажуваат оти дефицитот дополнително ќе расте во наредните години. „Исплатите на пензиите на сегашните и идните пензионери се во ризик“, рече Тренчевска.

Според директорот на ПИОМ, Никола Мемов, дефицитот во 2026 година е повисок за 10 милијарди денари во однос на претходната година и достигнал 64 милијарди денари. Тоа, според него, значи дека за исплата на пензии недостасуваат 500 милиони евра, 220 милиони за здравствено осигурување на пензионерите и над 300 милиони евра за Вториот столб.

СДСМ е против можни интервенции во Вториот пензиски столб, оценувајќи дека средствата на осигурениците не смеат да бидат предмет на решавање на тековните финансиски проблеми на системот. „Граѓаните кои со години уплаќале може да останат без својата заштеда и без важна потпора за идната пензија“, рече Тренчевска, повикувајќи ја Владата да се фокусира на намалување на дефицитот во ПИОМ.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Митовски до Владата и АХВ: Дајте ни законски механизам за проблемот со добитокот во Крива Паланка

Митовски до Владата и АХВ: Дајте ни законски механизам за проблемот со добитокот во Крива Паланка

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, на денешната прес-конференција упати итно барање до Владата …