Пет години после 17 мај 2015: Вредеше!

Пишува: Зоран Милошески

Сум поминал километри и километри „мерејќи“ ги улиците на Прилеп, Скопје, Битола, Охрид…

Сум искинал многу чевли марширајќи на Отпорот, Шарената револуција, десетици и десетици митинзи, протести…

Со фотоапаратот и новинарското перо, сум регистрирал неброени средношколски, студентски и граѓански протести. За правата на учениците и студентите, за чист воздух, за слобода на медиумите.

Сум го кревал гласот и сум пркосел и тогаш кога режимот бил пуштен на најсилно, и кога опозицијата била намалена на најтивко.

Сум потрошил години и години стоејќи, секогаш и без исклучок, на страната на правдата и обесправените.

Бескомпромисно и храбро сум чекорел и кога не’ имало 30 на број, и кога не можеле да не’ добројат.

И во секој миг поминат на настаните кои, секој сам по себе и сите заедно, ја испишуваа историјата на нашата држава, чувството беше исто: дека сум на вистинското место, во вистинското време и со вистинските луѓе.

Сепак, од сите нив, тој неделен 17-ти по ред мајски ден, 2015-то лето господово, беше посебен. Ден каков што ни пред тоа го имало, ниту било кога ќе се повтори.

Не беше Скопје тој ден Македонија во мало, туку беше центар на универзумот. Богатство од луѓе, среќа, љубов, бои, позитивна енергија. И сите со една цел: да се крене главата, да се врати достоинството, да се руши режимот.

Денес, 5 години подоцна…

Горд сум на сите соборци.

Не жалам за ниеден изоден милиметар.

Не се каам за ниедна преживеана тортура.

Оти тогаш кога се калеше челикот и кога на насилството се одговараше со достоинство – јас бев таму.

Вредеше!!!

Прочитајте повеќе

Талевски: ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните

Прес-конференција на Миле Талевски, пратеник на СДСМ Почитувани граѓани, Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде …