Пет нови инспектори за животна средина ќе се вработат во Државниот инспекторат

Пет нови инспектори добива Државниот инспекторат за животна средина. Со нив ќе се пополнат празните места во Велес, Штип и Куманово, а двајца ќе работат во Скопје. Нивното вработување доби зелено светло дури со ребалансот на средствата од државната каса, иако беше побарано уште минатата година додека се кроеше годинешниот буџет. Оваа институција има хроничен недостаток на кадар и подолг период работи со половината од реалниот број на вработени кои навистина му требаат. Еден цел регион во земјава, Североисточниот, нема ниту еден инспектор, а пополнувањето на овие места со новите вработувања беше еден од приоритетите.

Директорката на Државниот инспекторат, Ана Петровска, вели дека иако барале да вработат 13 инспектори, а добиле пет, сепак е задоволна што ќе добијат можност да работат поефикасно.

„Веќе течат постапките за вработување, распишани се огласите, и иако не верувам дека ќе завршат пред распишувањето на изборите, сепак добро е што годинава ќе имаме пет нови инспектори. Досега имавме празни места во Велес и регионот на Североисточна Македонија, а проблематични ни се и Штип и Пробиштип. Скопје, од друга страна, е најголемиот предизвик за инспекторатот бидејќи загадувањето тука е најголемо и секогаш е добредојдено зголемување на бројот на инспектори“, вели Петровска.

И покрај новите вработувања, на државниот инспекторат и понатаму ќе му недостасува кадар. Петровска вели дека имаат потреба од водостопански и инспектори за природа и дека ќе бараат нови вработувања да бидат вметнати и во буџетот за 2022 година. Според систематизацијата на работните места во Државниот инспекторат за животна средина, предвидени се вкупно 40 инспектори. Од нив, 30 се за животна средина, три за природа и седум водостопански инспектори. Во моментов, во оваа институција работат 15 активни инспектори за животна средина, еден за природа и двајца водостопански инспектори.

„Петмина инспектори се на три-четири години пред пензија и тоа ќе биде одличен период во кој тие ќе можат сериозно да ги менторираат новите колеги и понатаму да продолжиме со обновување на кадарот секоја година“, посочува Петровска.

Во последните неколку месеци соработката на Државниот инспекторат со локалните инспектори е максимално интензивирана со заедничко излегување на терен, со што се избегнуваат ситуациите инспекторот да нема надлежност ако се работи за контрола на капацитет со Б интегрирана дозвола.

Пред шест месеци беше објавена и новата онлајн платформа за пријавување на загадување на животната средина, преку која пријавите на граѓаните директно се распределуваат до инспекторот кој е надлежен за случајот.

Петровска вели дека се задоволни од одзивот на граѓаните кои алатката најмногу ја искористиле за да пријавуваат загадување на воздухот, диви депонии и горење на депонии, загадување на реки, а се жалеле и на прекумерна бучава, исфрлање на градежен шут, сечење дрвја и слично.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Георгиева од ЗЛС

Георгиева од ЗЛС: Во мандатот на Филипче освен плата, приватните специјализанти добија и платени дежурства (ВИДЕО)

Пред 2018 година не постоеше никаков надоместок за приватните специјализанти, значи таа категорија на лекари …