Пет розови фламинга одмораат во Преспа

Пет розови фламинга одмораат во Преспа

Пет розови фламинга, едно возрасно и четири млади, одмораат во Преспанското Езеро. Ова не е првпат фламинга да ја посетат Преспа, со оглед на тоа дека иако тие не се гнездат во Македонија, територијата ја користат повеќе пати за прелет.

Денеска се забележани во Езерани, каде нискиот водостој им овозможува соодветни услови за одмор за време на миграцијата.

Пет розови фламинга одмораат во Преспа
Пет розови фламинга во Езерани, Фото:МЕД

Првиот податок за посета на фламинга на Преспа датира од деведесеттите години, кога исто така биле забележани во Езерани. Бидејќи овие птици се гнездат во Грција, Албанија и Црна Гора, тоа се трите можни дестинации на петте розови фламинга.

-Добрата состојба на влажните живеалишта, како и широките појаси на трска овозможува птиците да не бидат вознемирувани и безбедно да одмораат и да се хранат. Затоа секогаш е возбудливо да се истражува Езерани за време на миграција – изјави Данка Узунова, орнитолог од Македонско еколошко друштво.

Покрај розовите фламинга, деновиве во Преспа престојуваат и јата на бојници, долгоног пескар и сабјарки. Од МЕД објаснуваат дека ниту еден вид од овие птици не се гнезди кај нас, туку сите се тука поради миграцијата која во овој период од годината се случува со полн интензитет.

Пет розови фламинга одмораат во Преспа
Сабјарка

-Особено е интересно присуството на сабјарки бидејќи тие во Македонија досега се видени само десетина пати. Ваквите слики не охрабруваат дека напорната работа за зачувување на Езерани има позитивни резултати. Езерани е заштитено подрачје повеќе од 20 години и со него управува Општина Ресен која има и посебна ренџерска служба за овој локалитет – информираат од МЕД.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

македонската репрезентација во спортски танци

Европско злато и сребро за македонската репрезентација во спортски танци (ГАЛЕРИЈА)

На европското првенство во спортски танци кое на 4-ти октомври се одржа во Белград, репрезентацијата …