Петровска: Армијата е навлезена во сериозен процес на модернизација и опремување

„После долги години невложување во одбраната, Република Северна Македонија конечно има одбранбен буџет кој ги сервисира сите армиски потреби, кој е развоен и овозможува силен раст на армиските капацитети и развој на одбранбени способности“, вели Министерката за одбрана Славјанка Петровска во интервју за порталот „Рацин.мк“.

Петровска во интервјуто говореше за порастот на одбранбениот буџет, процесот на модернизација на Армијата на Република Северна Македонија, стандардот на припадниците на Армијата и сојузничката поддршка од земјите-членки на НАТО.

„Армијата е навлезена во еден сериозен процес на модернизација и опремување, процес кој секојдневно го менува нејзиниот лик.Погледнете ги само бројките, зашто тие не можат да излажат. Во 2015 година, буџетот бил 94,4 милиони евра, во 2018-та – 100,5 милиони евра, а оттогаш се забележува силна нагорна линија до денешните 275 милиони.

Овие 275 милиони евра се за нас и нашата Армија, за Армијата на Република Северна Македонија. Тоа се пари со кои Армијата секојдневно се зајакнува, се модернизира, за подигнување на стандардот и условите за работа за секој нејзин припадник. Тоа е всушност вниманието кое конечно државата го возвраќа кон Армијата која е гаранција за безбедноста и сигурноста на секој граѓанин на нашата држава“ истакна Петровска.

Говорејќи за проекциите за раст на буџетот, Петровска најави дека планот е одбранбениот буџет следната година да изнесува 2% од БДП.

„Само на тој начин нашата Армија забрзано ќе може да биде целосно усогласена со новите технологии во оваа област, а опремата која ја користиме ќе биде целосно интероперабилна со онаа на сојузниците.После долги години невложување во одбраната конечно има одбранбен буџет и Армија рамноправна со своите сојузници во Алијансата, компатибилна со Армиите на земјите членки со кои стоиме заедно во одбраната на мирот.

Овие вложувања го градат новиот лик на Армијата на Северна Македонија, рамноправна со своите сојузници во Алијансата, компатибилна со Армиите на земјите членки на Алијансата кои стојат заедно во одбраната на мирот, безбедноста и вредностите на своите граѓани“, потенцираше Петровска.

На тема модернизација и опремување на Армијата, министерката за одбрана истакна дека во Армијата повеќе не се зборува за недостаток на лична опрема и на основни средства како до пред неколку години, туку дека станува збор за набавка на системи кои ги унапредуваат и осовременуваат армиските способности и капацитети, како лесните оклопни возила JLTV Oshkosh, од кои дел се веќе пристигнати, оклопни транспортери Stryker, францускиот систем за противвоздушна одбрана за мали височини, MISTRAL 3, и набавка на артилериски системи од сојузничка Турција.

Два транспортни хеликоптери на Армијата Ми-8МТ се во фаза на ремонтирање, во соработка со Чешка.

„Денеска зборуваме за припадници на Армијата на кои државата им возврати со зголемени примања, со решено станбено прашање, со постојан дијалог за унапредување на правата  и со неверојатни можности за напредок во кариерата“ потенцираше Петровска.

Поддршка за процесот на модернизација и опремување на Армијата доаѓа и од стратешките партнери на Република Северна Македонија. „Солидарноста во НАТО не е само збор, таа е акција. Минатата година САД нè поддржаа со вкупно 137 милиони долари, пари кои ќе бидат вложени во опремување и моденизација на Армијата, што ако  споредиме е половина од нашиот одбранбен буџет за годината.

Тоа е сериозна поддршка која не може да се занемари, особено што таа поддршка е наменета за она што нам ни е приоритетно, а тоа е опремувањето. Поддршка во развојот на капацитетите имаме и од други наши сојузници – Обединетото Кралство, Турција, одлична соработка имаме и со Словенија“, истакна Петровска.

Во однос на прашањето дали смета дека личните напади се еден вид хибридна, специјална војна, со која опонентите сакаат да создадат сомневање во вредностите на нашите одбранбени политики и безбедносните структури, Петровска одговори:

„Ниту еден напад кон мене, нема да ја разниша мојата одлучност одбраната да биде уште посилна и поразвиена, Армијата да биде уште поопремена и позадоволна, државата да биде уште побезбедна, а граѓаните посигурни. Тоа е мојата цел, а граѓаните ќе ценат по тоа што сме го сработиле, а не по празните лаги и невистини кои се лиферуваат од јавни говорници“.

Прочитајте повеќе

Средба Битиќи – Смит: Обединетото Кралство и Северна Македонија имаат одлични економски односи и голем потенцијал за развој

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи …