ПИСА 2025: Само 26 отсто од македонските ученици го достигнуваат основното ниво по читање, 32 отсто по математика и 36 отсто по природни науки

ПИСА 2025: Само 26 отсто од македонските ученици го достигнуваат основното ниво по читање, 32 отсто по математика и 36 отсто по природни науки

Во С. Македонија речиси и да нема ученици на петнаесетгодишна возраст со врвни резултати по читање и природни науки, а само еден отсто достигнуваат највисоки нивоа по математика, со што резултатите и понатаму се значително под просекот на земјите на ОЕЦД, покажува најновото истражување ПИСА 2025. ПИСА (Programe for International Student Assessment) е меѓународна студија која ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците во примена на она што го научиле во училиште. Се оценуваат три подрачја, оспособеност за читање со разбирање и критички пристап во читањето на пишани материјали, математичка писменост и писменост во природните науки.

Наодите покажале дека само 26 отсто од учениците во Македонија го достигнуваат ниво 2 или повисоко по читање, а просекот во земјите на ОЕЦД изнесува 69 отсто. По математика, основното ниво го достигнуваат 32 отсто од учениците, наспроти 65 отсто просек во ОЕЦД, а по природни науки 36 отсто, во споредба со 74 отсто во ОЕЦД.

ПИСА го дефинира ниво 2 како минимално ниво на функционална писменост. По читање, ученикот на ова ниво може да ја препознае главната идеја во текст со умерена должина, да пронајде информации според дадени критериуми и да размислува за целта и формата на текстот кога има јасни насоки. По математика, ученикот може да препознае како едноставна ситуација може математички да се претстави, а по природни науки може да препознае точно објаснување за позната научна појава и, во едноставни случаи, да процени дали заклучокот е поткрепен со дадените податоци.

Недостиг од ученици со врвни постигања  

Во извештајот е наведено дека посебно загрижувачки е недостатокот на ученици со највисоки постигања. Во Северна Македонија нема ученици кои достигнале ниво 5 или 6 по природни науки, а просекот на ОЕЦД е 7 отсто.

На овие ниво нема ученици ни по читање, наспроти просекот од 6 отсто во ОЕЦД. Овие ученици можат да разбираат долги текстови, да се справуваат со апстрактни и контраинтуитивни концепти и да прават разлика меѓу факти и мислења врз основа на информации што не се директно наведени во текстот.

По предметот математика само 1 отсто од учениците во земјава се меѓу најуспешните, односно достигнуваат ниво 5 или 6, наспроти 8 отсто во просек во ОЕЦД. На овие нивоа учениците можат математички да моделираат сложени ситуации и да избираат, споредуваат и оценуваат стратегии за решавање проблеми.

Влошени резултати по математика 

Добиените резултати од 2025 година се пониски отколку во 2022 година, а по читање и природни науки се приближно на истото ниво како во 2022 година. По природни науки и читање, резултатите од 2025 година се блиску и до оние од 2015 година. Кај математиката и покрај падот по 2018 година, резултатот од 2025 година сè уште е над нивото забележано во 2015 година.

Во периодот од 2022 до 2025 година дополнително се зголемил и јазот меѓу учениците со највисоки и оние со најниски резултати во сите три предмети – математика, читање и природни науки.

24 отсто од учениците сметаат дека училиштето е губење време 

68 отсто од учениците кои учествувале во ПИСА истражувањето, рекле дека се љубопитни за многу различни работи, а 62 отсто велат дека вложуваат дополнителен напор кога задачата станува тешка. 24 отсто сметаат дека училиштето било губење време, исто колку и просекот во ОЕЦД.

Само 55 отсто од учениците во Северна Македонија имаат т.н. „развоен начин на размислување“, односно веруваат дека интелигенцијата може да се развива преку работа, труд и повратни информации. Просекот во ОЕЦД е 69 отсто.

1,5 час во денот користат дигитални уреди за учење во училиште

Учениците во просек поминуваат 1,5 час дневно користејќи дигитални уреди за учење во училиштето, но уште 1,4 час ги користат за активности кои не се поврзани со учењето.

Една третина од учениците, односно 33 отсто велат дека на нивните соученици често им се одвлекува вниманието од наставата поради користење дигитални уреди за време на повеќето или сите часови по природни науки. Учениците кои пријавиле вакво дигитално одвлекување во Северна Македонија имаат во просек 22 поени понизок резултат по природни науки од оние кои не пријавиле такво одвлекување.

Во меѓувреме, вештачката интелигенција веќе е широко присутна меѓу учениците. 44 отсто од македонските ученици велат дека користат AI чет-ботови за помош при учењето најмалку еднаш неделно, што е приближно на просекот на ОЕЦД од 46 отсто.

Тие ги користат и за истражување нова тема, сумирање текстови и пишување задачи. Само 10 отсто велат дека никогаш или речиси никогаш не користат AI чет-ботови за ниту една од испитуваните училишни задачи.

Наставниците се трудат да ја објаснат материјата 

Има и позитивен сигнал во односот на учениците кон наставниците. 80 отсто од учениците велат дека на повеќето часови по природни науки наставникот покажува интерес за учењето на секој ученик, 77 отсто дека продолжува со предавањето додека учениците не разберат, а 80 отсто дека дава дополнителна помош кога е потребна.

Од друга страна, дисциплината останува проблем. Околу 21 отсто од учениците велат дека не можат добро да работат на повеќето или на сите часови, 25 отсто дека бучавата и нередот ја нарушуваат наставата по природни науки, а 33 отсто велат дека соучениците не го слушаат наставникот.

Во однос на отсуствата, 35 отсто од учениците изјавиле дека прескокнале најмалку еден цел ден на училиште во двете недели пред тестирањето, во споредба со 22 отсто во просек во ОЕЦД. Дури 41 отсто прескокнале најмалку еден час, а 57 отсто доцнеле на училиште. Во 2022 година овие удели биле 28, 37 и 50 отсто, соодветно.

Нашата земја е вклучена во четири меѓународни истражувања – ПИСА, ПИРЛС, ТИМСС и во ТАЛИС.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

клинички центар

СДСМ бара одговорност – три недели не работи ниту еден компјутерски томограф во Клинички

Прес-конференција на Елена Радеска, член на Комисија за здравство на СДСМ Три цели недели пациентите …