Писмо бомба адресирано до шпанскиот премиер Санчез

Писмо бомба адресирано до шпанскиот премиер Санчез

По експлозијата на писмо-бомба во украинската амбасада во Мадрид, шпанските власти објавија дека сличен експлозив пред една недела бил испратен и до шпанскиот премиер Педро Санчез.

Писмото коешто содржело пиротехнички материјал, адресирано до  шпанскиот премиер,  било откриено од страна на службите за обезбедување и неутрализирано, соопшти Министерството за внатрешни работи денеска во Мадрид. Експлозивната поштенска пратка и според изгледот и според содржината била слична со писмото бомба упатено до украинската амбасада во шпанската престолнина.

Во украинското дипломатско претставништво во Мадрид вчера експлодираше писмо бомба, при што е повреден соработник на амбасадата. Писмото било испратено до украинскиот амбасадор и во форма на обичен плик доставено од поштар. Шпанската полиција поведе истрага поради сомневање за терористичко дело.

По вчерашната експлозија сомнително писмо било откриено и во североисточниот дел на Шпанија, тоа било испратено до фирмата за производство на оружје, Инсталаца во Сарагоза. Специјалци од шпанската полиција, според информации од Министерството за внатрешни работи, извршиле контролирана експлозија. Фирмата произведува првенствено гранати кои украинската влада меѓу другото ги испорачува и во Украина.

Денеска е пресретната уште една сомнителна поштенска пратка кај голема шпанска воена база кај Мадрид, ноќеска таму бил вклучен сигурносниот аларм. Службата за безбедност открила сомнителен плик којшто содржел одреден механизам, а адресат бил Сателитскиот центар. Воената база инаку често се користи при официјалните авионски летови на членовите на шпанската влада.

Шпанија е меѓу поддржувачите на Украина од самиот почеток на  руската инвазија,  посебно со испораки на оружје. Освен тоа, по континуираните руски напади врз украинската инфраструктура, Шпанија испрати и генератори за електрична струја во Украина.

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …