Да пишам, да не пишам? Да пишам, да не пишам? Да пишам, да не пишам?
Вакви дилеми изгледа го мачат македонскиот премиер откако се врати од самитот на Берлинскиот процес во Берлин. Пред да отиде на лидерската средба беше сигурен дека ќе напише писмо до европските лидери за да им ја објасни позицијата на новата влада за одблокирање на европскиот пат и како да се избегне условот за уставните промени. Му требала само уште една мала навигација која требало да ја добие од европските лидери.
По таа навигација од средбите со нив тој се вратил од Берлин како поголем оптимист, затоа што „голем дел од европските и светските дипломати со симпатија гледаат на нашите аргументи и позиции поврзани со евентуално можно решение кое го предлагаме и за кое зборуваме изминатиов период. Мислам дека ги вративме кредибилитетот и достоинството на меѓународната сцена“, рече тој во четвртокот (17.10) во разговор за Сител.
Па уште додаде дека „слушаме збунувачки тонови и изјави од Софија. Се надевам дека откако ќе се консолидира општеството по изборите, ќе имаме појасна слика и дека ќе добиваме конечни пораки. Ние велиме, тогаш кога бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор на државава во ЕУ, тогаш да важат уставните измени“.
На кои збунувачки изјави од Софија мислел премиерот не е баш јасно. Од таму постојано официјално изјавуваат дека Бугарија веќе нема ништо со Преговарачката рамка, дека таа е донесена од 27-те земји на ЕУ и дека Скопје понатаму има работа со Брисел, а не со Софија. Можеби потсвесно мислел на збунувачките тонови што и тој и првенците на неговата партија ги кажуваа пред изборите и во првите недели на новата влада. Де ќе се раскинувал Договорoт со Бугарија, де Преспанскиот договор, де Северна Македонија е понижување и тоа никогаш нема да го прифатат (за потоа и тој и претседателката јавно да изјавуваат дека се раководители на Северна Македонија), де Преспанскиот договор е ужасно лош, а сега предлагаат во бугарскиот случај да се применуваат одредби од Преспанскиот затоа што биле многу добри… Де ова, де она. Тоа е политиката – најмногу сакаш да земаш само од десертот на масата полна со јадења. А, како што рече албанскиот премиер Еди Рама на прес-конференцијата по почнувањето на преговорите по кластери на неговата земја со ЕУ – не можеш да земаш само десерти, мора да голтнеш нешто што ти создава горчина во устата. Дури и едвај можеш да го проголташ. А тоа треба да го направиш за да продолжиш понатаму.

Моќта на едно писмо
Не знаеме дали Мицкоски ќе го напише писмото или не. Иако јавноста веќе беше во едно љубопитно исчекување. Какво ќе биде писмото? До кого ќе биде адресирано? Во кој стил ќе биде напишано? Дали тоа ќе биде труд на дипломатските умови на владата или пак творба само на премиерот? Едно писмо може да предизвика многу бранови во општеството, ако ја има вистинската моќ.
Ако го напише, највозрасните ќе имаат можност да се потсетат на она славно писмо на Тито и Претседателството на СКЈ од септември 1972 година, со кое тој ја почна конечната пресметка со српските либерали, откако претходно ги елиминираше од власта водачите на „хрватската пролет“, Савка Дапчевиќ-Кучар и Мика Трипало. Од сериозните лица на телевизиските спикери слушавме како по националистичкиот „мас покрет“ во Хрватска, во Србија почнало нешто поинакво – анархо-либерализам, со кој тогашните српски раководители, Марко Никезиќ и Латинка Перовиќ, сакале да ја поткопаат неприкосновената улога на Сојузот на комунистите. Не само тоа, да внесат и пазарни елементи во системот на самоуправувањето. Тие мораа да заминат и беа брутално принудени да заминат. Тито во своето писмо, кое го пишуваше заедно со Стане Доланц, им упати порака на членовите на СКЈ партијата да биде што е можно поборбена, дека главна цел е борбата против бирократијата и технократијата, дека демократскиот централизам мора максимално да се почитува и дека е потребна уште поголема контрола на СКЈ над југословенското општество.
Притоскот врз либералите се зголеми и во Македонија, Словенија и Босна и Херцеговина. Никезиќ и Перовиќ си поднесоа оставки; во Македонија тоа беше случајот со Славко Милосавлевски, во Словенија со Стане Кавчиќ. Речиси да беше милина за тврдокорните комунистички уши да се слушаат вестите од телевизиите како нашироко се прифаќа Титовото писмо, а утредента тоа да се чита низ весниците. Југославија се врати три чекори назад.
Во оваа ера на неверојатни комуникациски можности евентуалното вакво „силно“ писмо на Мицкоски до европските лидери ќе може да го слушаме од сите можни страни, да го читаме преку порталите и социјалните мрежи, па може да се прават и мали драмски епизоди за тоа како македонскиот премиер го нуди решението за отплеткување на европскиот јазол на Македонија. Па ќе се викаат зависни, независни, полузависни, слободни аналитичари да ги толкуваат зборовите на премиерот и неговата борба со европската бирократија и технократија, со ужасната себичност на некои земји членки, кои го понижуваат кроткиот македонски народ кој веќе решил да не трпи понатамошни понижувања. Па, како тој нуди решение кое е толку едноставно – да се почитува Договорот за добрососедство со Бугарија; како сите аргументи се на наша страна. Да те опфати една милина, па дури и нирвана од грижата на лидерот за неговата земја и нејзините граѓани.