Намален општински долг, исплатени советници и избирачки одбори, ново противпожарно возило, инвестиции за развој на туризмот и на бизнисот се дел од она што крушевската локална самоуправа и градоначалникот го сработија во изминатите четири месеци

Пишува Зоран Милошески

Намален општински долг за два милиони денари и исплата на обврските кон членовите на општинскиот Совет и избирачките одбори за три изборни циклуси, подобрување на условите за работа на стопанските капацитети во индустриската зона „Сува Река – Опаленик“, инвестиции за развој на туризмот, набавено ново противпожарно возило, се дел од она што крушевската локална самоуправа и градоначалникот Томе Христоски го сработија во изминатите четири месеци.

На самиот врв на листата на приоритети, како што истакнува Христоски, се наоѓаат отворањето нови работни места, создавањето услови за влез на домашни и странски инвеститори, развој на туризмот и задржување на младите во Општината. Она што е важно, е прашањето како идеите и намерите да се преточат во дело?

– Локалниот економски развој ќе биде поттикнат со низа проекти од областа на инфраструктурата: изградба на канализации, локални патишта, обезбедување нови извори на вода. Токму затоа, во првите 100 дена од мојот мандат се насочивме кон отворање нови можности за потенцијалните инвеститори, помош на постоечките бизниси и активности на полето на туризмот. Крушево мора да биде вратено на туристичката мапа на поширокиот регион. За таа цел, во соработка со Агенцијата за туризам обезбедивме вештачка трева која ќе биде поставена на полетиштето каде што се одржуваат десетината меѓународни натпревари во параглајдерство и змејарство, што е почеток во подобрувањето на условите за практикување на овие спортови и воедно искористување на природниот потенцијал на Крушево – вели крушевскиот градоначалник.

Главен двигател на локалниот економски развој на Крушево треба да биде индустриската зона „Сува Река – Опаленик“, каде што со работа почна фабриката за производство на масло од канабис „5 Летерс“. Свој објект гради и фабриката за производство и преработка на тутун СЕКЕ СА, а како што вели крушевскиот градоначалник, постои најава за уште една инвестиција.

Изградба на инфраструктура

Дополнителен бенефит и мотив за инвестирање во индустриската зона треба да биде оспособувањето на резервоар за вода, кој ќе ги снабдува стопанските капацитети, со што тие нема да бидат на товар на градската водоводна мрежа.

– Во соработка со министрите задолжени за странски инвестиции, активно работиме на промоција на индустриската зона и на она што Крушево може да им го понуди на инвеститорите. На регионалната средба веќе разговаравме со потенцијални инвеститори за отворање нови погони. Исто така, објектот на Градската кафеана е продаден на сопственикот на фабриката за текстил „Фалко“, кој комплетно ќе ја реновира зградата и ќе отвори нови работни места. Планинскиот врв Мусица кој се наоѓа на надморска височина од над 1.700 метри, е уште еден адут на Крушево. До манастирот „Св. Преображение“, кој е попатна станица до Мусица, изградена е патната инфраструктура, сега има и струја. Пределот околу планинскиот врв е урбанизиран, а бидејќи станува збор за голема инвестиција, како локална самоуправа презедовме сериозни чекори за изнаоѓање инвеститор. Доколку тоа се случи, во што сум прилично сигурен, значително ќе се подобрат условите за развој на зимскиот туризам – нагласува градоначалникот Христоски.

Христоски очекува дека значаен исчекор во напорите за туристичкиот развој на Крушево ќе претставува одличната соработка со Министерството за култура, од каде што ќе стигнат 500.000 денари за манифестацијата „10 дена Крушевска Република“, како и дополнителни 1.000.000 денари за Годишната програма за култура на Општина Крушево. Тој вели дека Општината планира збогатување на културната понуда во летниот период, но и повеќе културни активности надвор од туристичката сезона како придонес во привлекувањето на што поголем број туристи.

Објавено во „Слободен печат“