По барањето на премиерот, приватните превозници ги тргнаа блокадите од пред Град Скопје

По барањето на премиерот, приватните превозници ги тргнаа блокадите од пред Град Скопје

Откако премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека нема намера да ги прими приватните превозници на средба додека траат блокадите, возачите од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ попладнево ги тргнаа автобусите што беа паркирани на булеварот „Илинден“ пред Град Скопје.

Приватните превозници денеска изјавија дека ќе ги тргнат блокадите за да се оствари средбата со премиерот Ковачевски, која што ја побараа од „Слобода превоз“. Инаку, булеварот „Илинден“ беше под блокада уште од 5 декември, и тоа на потегот од Зоолошката градина до раскрсницата кај фонтаната во Градски парк. Тие бараат од Градот Скопје да им го исплати заостанатиот долг во висина од околу 1,5 милиони евра.

Откако не успеаја да се сретнат со скопската градоначалничка Данела Арсовска, приватните превозници побараа средба со премиерот Димитар Ковачевски, а во спротивно, се заканија дека повторно ќе ги радикализираат протестите во главниот град.

Премиерот Ковачевски денеска беше јасен по однос на ова прашање.

„Приватните превозници, имаше едно соопштение, вчера, во кое што кажаа дека доколку немале состанок со претседателот на Владата ќе ги радикализирале протестите. Она што можам да кажам дека да, јас сум човек кој ќе се сретне со сите што треба меѓутоа не под притисок и не под уцени. Кога ќе се исполнат условите да имаме дијалог базиран врз основа на факти, врз основа на сите кои што се вклучени и кои што се надлежни да го решат проблемот и кога тој дијалог ќе започне без притисок, односно кога улиците ќе им бидат вратени на граѓаните на Градот Скопје, тогаш може да го одржиме состанокот“, изјави премиерот.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Со шринкфлација и скимпфлација против владината одлука

Со шринкфлација и скимпфлација против владината одлука

Појавата не е ендемска. И во земјите од ЕУ се бараат мерки за спречување на …