Приватните превозници утрово почнаа да ги отстрануваат автобусите кои во понеделникот, на 05 декември, ги паркираа на три крстосници во главниот град. Со тоа сообраќајот во главниот град повторно почна да се одвива, колку-толку, по нормално.
Превозниците најавија дека од денеска ќе го блокираат булеварот „Илинден“ и тоа четирите ленти во двата правци почнувајќи од бараките на Град Скопје до „Ми-Да“. Од „Слобода превоз“, кои се организатори на блокадите, велат дека локалната власт во Скопје била единствениот виновник „за ситуацијата“ и сакале да ги поштедат граѓаните.
Според досегашните изјави, скопската градоначалничка Данела Арсовска негира дека постои долг и нема намера да го исплати. „Слобода превоз“ тврди дека ЈСП им должи 1 милион евра, додека „Макекспрес“ бара исплата на долг од половина милион евра.
Градот Скопје ги раскина договорите со „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ и иако градоначалничката најави нов повик за склучување договори со нови превозници, тоа сè уште не се случи.
Данела Арсовска пред една година стана градоначалничка со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и претседателот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски, кој воедно е и лидер на про-руската моторџиска група „Ноќни волци“. Арсовска во кампањата ветуваше брз и ефикасен автобуски јавен превоз, кој ќе биде бесплатен за сите. Една година подоцна, јавниот превоз е во катастрофална состојба, сообраќајот во главниот град е во колапс, а бесплатниот превоз не е ниту на повидок.
Извор: МЕТА