Нотр Дам

По пет години реконструкција, вечерва свечено отворање на Нотр Дам

Средновековната париска катедрала, која беше опустошена од пожар во април 2019 година, е реконструирана со макотрпен напор, 700 милиони евра и донации од 150 земји. За потребите на реконструкцијата биле применети методи на столарија кои датираат од 13. век

По пет години интензивни напори за реконструкција, париската катедрала Нотр Дам од утре повторно ќе ги отвори своите врати за јавноста. Вечерва ќе се одржи голема свечена церемонија на повторното отворање на катедралата, јавуваат француските медиуми.

Според „Франс24“, церемонијата на отворање треба да започне околу 19 часот по локално време, со говор на францускиот претседател Емануел Макрон.

Меѓу долгата листа на гости кои се очекува да присуствуваат на отворањето се наоѓаат и имињата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, украинскиот претседател Володимир Зеленски, британскиот принц Вилијам и десетици други шефови на држави и влади.

Предвидено е церемонијата да започне со прикажување на документарен филм за реконструкцијата, а да продолжи со класична музика во живо.

Првата миса во обновената катедрала ќе се одржи утре во 10 часот и 30 минути по локално време.

Средновековната катедрала, која беше опустошена од пожар во април 2019 година, е реконструирана со макотрпен напор, 700 милиони евра и донации од 150 земји. За потребите на реконструкцијата на Нотр Дам биле применети методи на столарија кои датираат од 13. век.

Пожарот во Нотр Дам беше пренесуван во живо на телевизиите ширум светот, а милиони гледачи сведочеа како пламенот ја обзема зградата, уништувајќи го најголемиот дел од дрвениот и металниот покрив. Точната причина за пожарот никогаш не беше утврдена, а инспекторите веруваат дека бил случајно предизвикан од фрлена цигара или од краток спој во електричниот систем.

Пред пожарот, околу 12 милиони луѓе годишно ја посетуваа катедралата која е дел од Светското културно наследство на УНЕСКО, а бројот на посетители сега се очекува да биде уште поголем. Влезот во катедралата и понатаму ќе биде бесплатен, но посетителите ќе треба да прават резервации преку онлајн систем.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Чад и пустош во „рајот“

Чад и пустош во „рајот“

Големите шумски пожари во околината на Лос Анџелес принудија стотици илјади луѓе да ги напуштат …