По повод одбележувањето на Светскиот ден на Ромите 8 Април, градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска во нејзиниот кабинет одржа работна средба со претставници од Ромската заедница. На средбата, на која присуствуваа Незир Хусеини и Реџеп Али Чупи, како претставници на програмата ROMACTED – Програма за добро владеење и зајакнување на Ромите на локално ниво, Фатма Бајрам Аземовска – фацилитарот и претседател на „Сумнал“ – здружение за развој на Ромската заедница и Ремзи Медик –претседател на невладината организација „Баирска светлина“, беше разговарано за настаните кои се одржуваат во рамките нагодинешното одбележување на Светскиот ден на Ромите, како и за активностите кои се предвидуваат до крајот на 2019 и почетокот на 2020 година.
„По повод Светскиот ден на Ромите, денес имавме работна средба со претставници од ромските невладини здруженија, како би можеле да ги консолидираме нашите следни активностив во интерес на ромската заедница. Во оваа прилика, сакам да им го честитам меѓународниот ден, затоа што тие се дел од нашата заедница и ги чувствуваме токму како такви“, рече Петровска.
Денес ги промовираме новите вредности на генерацијата млади Роми кои даваат значителен придонес во развојот на македонското современо општество, истакна Фатма Бајрам Аземовска, претседател на „Сумнал“ – здружение за развој на Ромската заедница.
„Денес ја запознавме градоначалничката со активностите кои што ги работиме во текот на годината, но и идни активности кои што не можеме сами да ги направиме и ни е потребна помош од локалната самоуправа и централната власт. Сите повеќе можеме да направиме единствено ако сме обединети и сите заедно можеме да градимемостови за полесно да ги интегрираме Ромите во македонското општество“, истакна Бајрам Аземовска.
„Пораката која што ја испраќаме по повод Светсиот ден на Ромите е следна: Дајте ни рака и ние сме дел од ова општество. Сакаме сите Роми кои што живеат во нашата земја да се почувствуваат како граѓани, како дел од ова општество“, порача Незир Хусеини од програмата ROMACTED.
Националната установа универзитетска библиотека „Св.КлиментОхридски“ –Битола и ромските невладини организации „Сумнал“ – здружение за развој на Ромската заедница и „Баирска Светлина“ заедничко го одбележаа 8. Април – Меѓународниот ден на Ромите под мотото „Градиме мостови кон иднината“.
Утринава се садеа садници и цвеќиња во дворот на ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола во чест на Нешат Аземовски, се одржа работилницата „Учиме за Ромската култура и традиција“ во соработка со ЈОУДГ „Естраја Овадија Мара„ во градинката Пролет, а беше прикажан и документарниот филм „Запознај ја Вашата сосетка ромка“, имплементиран од РКМЦ – Бариканипе.